Фото: Игор Бансколиев

Француската царина, поддржана од Европол, неодамна уапси двајца осомничени членови на криминална банда што шверцувала цигари од Азија во Европа. Осомничените, според информациите од Европол, беа обвинети и во моментов се во притвор. Во земјава одамна нема регистриран случај во кој се запленети поголеми количества цигари и тутун, меѓутоа, на 11 април, грчките медиуми објавија дека на солунското пристаниште со помош на скенер и специјално обучено куче, царинските служби откриле контејнер од Кина со 629.000 кутии, односно 12.596.000 парчиња шверцувани цигари, кои, според грчки медиуми, требало да пристигнат во земјава

ШВЕРЦОТ СО ЦИГАРИ ОСТАНУВА ВИСОКО НА ЛИСТАТА НА НАЈДОХОДНИТЕ ЦРНИ БИЗНИСИ НА КРИМИНАЛЦИТЕ

Шверцот со цигари останува и натаму високо на листата на најдоходните бизниси за криминалните организации, но истовремено и високо на списокот на недозволените активности со кои се борат полициите низ светот. Основен повод за тоа е непоправливата штета што ѝ се нанесува на некоја држава со шверцот на цигари. Директната штета што овој црн бизнис им ја причинува на државните економии точно никој не може да ја пресмета, меѓутоа, според луѓето упатени во оваа проблематика, се проценува на милијарди евра. За жал, полициските власти на државите никако не успеваат да стават крај на овој црн бизнис, кој, покрај тоа што прави ненадоместлива штета на економиите, претставува сериозна закана и по здравјето на луѓето, бидејќи цигарите произведени на црните пазари, воопшто не поминуваат низ никакви контроли, а со самото тоа се потенцијална опасност за здравјето на нивните консументи.

ЗАПЛЕНЕТИ 40 ТОНА ЦИГАРИ

Една од позначајните акции од страна на полициите во Европа на овој план беше реализирана пред извесно време, во март годинава, кога истрагата доведе до запленување 40 тона шверцувани цигари во регионите на Марсеј и Париз. Француската царина, поддржана од Европол, притоа уапси двајца осомничени членови на криминална банда што шверцувала цигари од Азија во Европа. Осомничените, според информациите од Европол, беа обвинети и во моментов се во притвор.
Се разбира, и покрај големата заплена, полицијата и царината се свесни дека со ова апсење ни оддалеку не е разбиена големата криминална организација што стои зад овој шверц. Според нивните сознанија, станува збор за организација што оперира од Азија, а која испорачувала фалсификувани цигари со контејнери од Карибите, Блискиот Исток и Африка, фалсификувајќи ги имињата на увозниците.
– Пуштањето во регуларен промет само на запленетите цигари во Франција би претставувало даночна загуба од околу 15 милиони евра. Обемот на конфискувани цигари за време на оваа операција претставува еквивалент на приближно 10 отсто од вкупните заплени направени од француската царина во 2021 година – информираат од Европол.
Оттаму додаваат дека борбата против шверцот на цигари продолжува со несмален интензитет, бидејќи криминалните организации постојано наоѓаат нови методи и патишта за да го развиваат својот „бизнис“. За таа цел, потсетуваат дека во 2020 година, Европол го создаде Европскиот центар за финансиски и економски криминал (ЕФЕЦЦ) за да ја зголеми синергијата помеѓу економските и финансиските истраги и да ја зајакне својата способност да ги поддржи органите за спроведување на законот во ефикасна борба против оваа голема криминална закана.

ШВЕРЦУВАНИ ЦИГАРИ НАМЕНЕТИ ЗА МАКЕДОНСКИОТ ПАЗАР ФАТЕНИ ВО СОЛУН

Во земјава одамна нема регистриран случај во кој се запленети поголеми количества цигари и тутун, што порано беше честа практика. Но тоа не значи дека недозволените активности на тој план се згаснати. На 11 април, грчките медиуми објавија дека во солунското пристаниште со помош на скенер и специјално обучено куче, царинските служби откриле контејнер од Кина со 629.000 кутии, односно 12.596.000 парчиња шверцувани цигари, кои, според грчките медиуми, требало да пристигнат во земјава.
Како што беше соопштено пред медиумите, властите се сомневале дека фирмата наведена во документите воопшто не постои. Притоа во документите било наведено дека се пренесуваат ткаенини, а цигари воопшто не се спомнувале.
– Беше направена контрола на конкретниот контејнер кога пристигна на пристаништето во Солун од Кина. Скенерот на почеток покажа знаци дека постојат тутунски производи, а овие знаци потоа беа потврдени од кучето трагач – изјави за медиумите директорката на царинската служба во Солун, Фотини Парусиду.
Од Независната служба за јавни приходи на Грција соопштуваат дека царинските давачки, а со тоа и штетата за земјата од шверцуваните цигари достигнува речиси 2,5 милиони евра.
Цигарите и контејнерот, како средство за транспорт на шверцувана стока, биле конфискувани, а за случајот бил информиран и јавниот обвинител во Солун. Засега нема информации дали понатамошната истрага е проширена и кон Македонија, како земја каде што требало да пристигнат шверцуваните цигари.


Шверцот со цигари е „клинички мртов“ во Црна Гора

Црна Гора важи за една од клучните земји во регионов кога станува збор за шверцот со цигари. Разгранетиот брег што овозможува прифаќање на големи товари шверцувани цигари од целиот свет, како и брзите глисери со кои дел од стоката се трансферира во Италија, односно развиената мрежа транспортери по сувоземен пат, ја направија Црна Гора да биде високо на листата на земји на кои европските полиции им посветуваат посебно внимание кога е во прашање шверцот со цигари. Затоа и сите пратки од и кон оваа земја честопати имаат посебен третман.
Црногорската полиција, борејќи се со ова зло, неодамна во пристаништето Бар заплени повеќе од сто илјади пакувања цигари без акциза, во вредност од десетици милиони евра. Но интересно е дека властите одлучија оваа заплена да премине во државна сопственост и цигарите наместо да се уништат, да се пуштат во натамошна продажба.
Самиот чин на заплената на цигарите, според премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, значи дека шверцот со цигари во Црна Гора е „клинички мртов“. Тој потврди дека станува збор за повеќе од 100.000 пакувања цигари складирани во пристаништето во Бар, нагласувајќи дека намерата на Владата е да се смени досегашната практика за цигарите да не се уништуваат, туку легално да се продаваат.