Фото: Маја Јаневска-Илиева

Очигледно, мал е ефектот од казните, бидејќи сите ние како учесници во сообраќајот си тераме по свое и се однесуваме како да не сме свесни за последиците со кои се соочуваме секогаш кога ќе исчекориме надвор од дозволеното. По сѐ изгледа казните не се доволни

Сообраќајните казни во подем, а во пад безбедноста во сообраќајот

Македонија е една од земјите што имаат сериозен проблем со однесувањето во сообраќајот, поточно со она што обично го нарекуваме сообраќајна култура. Ваквата поразителна констатација секојдневно се потврдува со едноставно излегување на улица, сеедно дали сме пешаци, патници или, пак, возиме некое превозно средство.
Дополнителна потврда на нашето тврдење може да претставува фактот дека и покрај постојаното присуство и контрола од страна на сообраќајната полиција на патиштата низ земјава, ние продолжуваме да се однесуваме непрописно и несоодветно. Показател за тоа се секојдневните високи бројки на санкционирани учесници во сообраќајот, независно дали станува збор за возачи на автомобили, велосипеди или мотори или, пак, за пешаци.

ЗА ТРИ МЕСЕЦИ КАЗНЕТИ ДУРИ 60 ИЛЈАДИ УЧЕСНИЦИ ВО СООБРАЌАЈОТ

Нервозни, нетрпеливи возачи и пешаци, непрописно возење автомобили и велосипеди, но и управување возила под дејство на алкохол се некои од најчестите прекршоци што ги прават Македонците како учесници во сообраќајот. Според секојдневните билтени на Министерството за внатрешни работи, многумина возат без возачка дозвола или, пак, со истечена возачка дозвола, некои од возачите управуваат неисправни или нерегистрирани возила, а она што особено загрижува – бројката на оние што возат под дејство на алкохол никако да се намали.
Полициските службеници при нивното работење преземаат соодветни мерки, односно изрекуваат санкции за учесниците во сообраќајот на патиштата што постапуваат спротивно на одредбите од Законот за возила и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Речиси секојдневно сме сведоци за присуството на сообраќајната полиција, независно дали станува збор за улиците во нашите градови или, пак, на магистралните патишта и автопатишта. Слободно може да се каже дека имаат полни раце работа, бидејќи многу честа слика е како санкционираат некој учесник во сообраќајот што не ги почитувал прописите.
– Во текот на 2021 година, на ниво на целата држава, за сторени сообраќајни прекршоци се санкционирани вкупно 240.871 учесник во сообраќајот на патиштата, а во првото тримесечје од годинава се санкционираи 59.488 учесници во сообраќајот на патиштата што постапиле спротивно на одредбите од Законот за возила и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата – информираат од МВР.

ЛАНИ ЗАГИНАЛЕ 23 ПЕШАЦИ, А ВО ПРВИТЕ ТРИ МЕСЕЦИ ОД ГОДИНАВА СЕДУМ

Она на што постојано укажуваат надлежните е загрижувачкото сознание дека и покрај многубројните кампањи на МВР, заедно до Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, бројката на сообраќајни незгоди со жртви никако драстично да се намали. За жал, според статистиката на МВР, минатата година во земјава во сообраќајни незгоди загинале вкупно 116 лица, од кои 23 пешаци и седум велосипедисти, а во првото тримесечје од 2022 година во сообраќајни незгоди загинати се вкупно 22 лица, од кои седум пешаци.
Пешаците, пак, се една од најзагрозените категории учесници во сообраќајот, а од друга страна, се добива впечаток дека се едни од најнепослушните учесници во сообраќајот, барем што се однесува до населените места. За тоа сведочат возачите, но и самите пешаци, кои велат дека полесно им е да претрчаат преку улица, за побрзо да ја преминат, отколку да пропешачат малку повеќе и безбедно и регуларно да ја минат улицата на пешачки премин.
Таква е сликата речиси секојдневно во скопски Чаир и на Бит-пазар, каде што и покрај изградените два пешачки моста, пешаците преминуваат улица каде што ќе стигнат, со што се доведуваат во опасност, а наедно дополнително го забавуваат сообраќајот до тој степен што да се премине на потегот од Бит-пазар до булеварот Христијан Тодоровски-Карпош, некогаш се потребни дури и дваесетина минути.
Од теренските активности на „Нова Македонија“, нашите новинари можеа само да констатираат дека сликата е застрашувачка. Токму во споменатиот дел од главниот град, буквално, групи од по десетина пешаци, без воопшто и да погледнат на улицата, се впуштаат да ја преминат или да претрчаат.
Ништо подобра не е ниту сликата на улицата Цветан Димов, каде што беа поставени бетонски бариери на средината од коловозот, кои требаше да го забрзаат сообраќајот и да ги спречат пешаците да претрчуваат. Но се чини ниту поставените бетонски плочи не ги спречуваат пешаците да ги остварат своите намери да ја преминат улицата каде што тие наумиле, а не онаму каде што е безбедно за нив.
– Во текот на 2021 година за сторени сообраќајни прекршоци се санкционирани 5.065 пешаци и 256 возачи на велосипеди, а во периодот од првите три месеци од годинaва се санкционирани 2.784 пешаци и 29 возачи на велосипеди – велат од Министерството за внатрешни работи.
Очигледно, мал е ефектот од казните, бидејќи сите ние како учесници во сообраќајот си тераме по свое и се однесуваме како да не сме свесни за последиците со кои се соочуваме секогаш кога ќе исчекориме надвор од дозволеното. По сѐ изгледа казните не се доволни. Затоа експертите укажуваат дека не може сѐ да се препушти само на казнувањето, туку е потребна поширока и посеопфатна програма на државно ниво, што би довело до намалување на бројот на сообраќајни несреќи, а со тоа и на жртви.