Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов вели дека во моментов 3 екипи од Противпожарната бригада на Град Скопје (15 пожарникари и 3 возила) се упатуваат да помогнат на граѓаните на Кочани и ќе се стават на располагање на тамошните служби.

„Во текот на денешниот ден, скопските пожарникари гасеа 9 пожари во Скопје и скопско, а 2 екипи беа на испомош во Старо Нагоричане. Апелирам до граѓаните внимателно да се однесуваат во овие топли денови. Мало невнимание може да предизвика сериозни последици“, пишува Шилегов на Фејсбук.

Попладнево огромен пожар се шири во кочанско Белско маало и местото викано Драчевник. Зафатени се шуми, а горат и бандери. Жителите бараат помош од институциите и граѓаните, а се обидуваат пожарот и сами да го изгаснат. Неофицијално, според тврдењата на мештаните во Белско маало пожарот зафатил и стари куќи.

Мештаните велат дека на терен е страшно, а говорат и дека се слушаат силни експлозии предизвикани од огнот.