Поранешниот шеф на кабинетот и некогашен најблизок соработник на Никола Груевски, Мартин Протоѓер, во случајот „Плацови на Водно“ сведочеше дека поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ лично му кажал оти купил плац од 10.000 квадратни метри.

– Мене ми беше невообичаено бидејќи околу 2012 година ми спомна дека земал некое земјиште од 10.000 квадрати некаде на Водно. За волја на вистината, за други детали не сме разговарале. Тој беше таков човек, сакаше да беше внимателен, претпазлив и ако не сака да каже нешто, не кажуваше – рекол Протоѓер во изјавата што ја пренесе „Фокус“.

Протоѓер тврдеше дека никогаш не се разбирал ниту се мешал во финансирањето на партијата, иако имал таква обврска со функцијата генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ. Тој посочи и дека за финансирањето биле задолжени партиските органи, одговарајќи на прашање на обвинителката Лиле Стефанова.

Според обвинението, Груевски од 2006 до 2012 година како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од партиските донации што ги добивал, лично или преку општинските комитети, ги задржувал за себе, па така наводно прибрал најмалку 1,3 милиони евра. Се тврди и дека од октомври 2012 до септември 2013 година, парите ги потрошил со купување градежно земјиште на Водно.