Во Кривичниот суд утрово беше одложено судењето за случајот „Монструм“, поради отсуство на поротничка која имала смртен случај во семејството. Судијата Огнен Ставрев рече дека му се јавила утрово поротничката и му рекла дека нема да присуствува на судењето поради смртен случај во семејството.
Судијата рече дека е подобро да се почека да дојде на следното рочиште за судењето да не почне од почеток со ангажирање нов поротник.
Случајот „Монструм“, се води за петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година и е во доказна постапка.
Денеска требаше како докази да се читаат смс пораки и транскрипти.
За петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Демири и Исмаиловиќ се недостапни за органите на прогонот.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.
Родителите на убиените момчиња побараа од судијата Ставрев повеќе термини за судења од судијата. „Може ли пет, шест термини месечно?“, праша мајката на едно од убиените момчиња. Судијата рече дека ќе направи се’ што може за да обезбеди повеќе термини за судења во декември.