Вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи денеска поднесе кривична пријава против Љупчо Коцевски – јавен обвинител на Македонија, Татјана Кацарова – јавен обвинител во ОЈО Штип, Ристо Бојаџиски – виш ЈО на ВЈО Штип и Ермон Незири – член во Совет на јавни обвинители за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување по чл. 353 од Кривичниот законик.
Хајрулахи е суспендиран од раководната позиција во Вишото обвинителство Скопје, по поднесена крививична пријава заради основано сомнение за сторено продолжено кривично дело „малтретирање во вршење на службата од член 143“, како и за продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик“, а Советот на јавни обвинители, ја отфрли неговата жалба со која бараше укинување на одлуката за негово оддалечување од функцијата, донесена од државниот јавен обвинител Коцевски.
Хајрулахи во изјава за МИА рече дека смета оти кривичната пријава била тенденциозно поднесена против него од страна на државниот јавен обвинител, бидејќи од февруари 2023 година има измена на запретената казна затвор за делото за кое се товари во членот 353 од Кривичниот законик. Како што рече до февруари 2023 година за ова дело била предвидена запретена каза затвор од пет години, а потоа од осум години затвор. Смета дека државниот јавен обвинител требало да ја земе во предвид помалата казна кога ја поднесувал кривична пријава, а ако го направел тоа немал право да отвора истрага за кривичното дело за кое го товари.
Пред околу четири месеци Основното јавно обвинителство Штип донесе наредба за спроведување истражна постапка против Хајрулахи, заради основано сомнение за сторено продолжено кривично дело „малтретирање во вршење на службата од член 143“, како и за продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик“. Претходно кривична пријава за малтретирање во вршење на службата беше поднесена до Јавното обвинителство на Македонија од страна на група вработени во Вишото јавно обвинителство Скопје, по што таа беше проследена на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Штип. Во текот на истражните дејствија преземени од штипското обвинителство се добиени податоци и сознанија кои упатуваат на сомнение и за дејствија на злоупотреба на службената положба и овластување. По приемот на известувањето за поведена истрага, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, државниот јавен обвинител донесе одлука за оддалечување од функцијата на Хајрулахи додека трае кривичната постапка поведена по поднесената пријава против него.