Прашањето е дали државата може да стане членка на ЕУ до 2030 година? Одговорот е: зависи од самата држава. Задачата е значајна, обемот на реформи се големи. Ќе има подеми и падови и овде и во Брисел. Сметам дека долгорочниот пат, трасата е утврдена од ЕУ и ветувањето е реално. Зависи од оценувањето на взаемните потреби и интереси – рече евроамбасадорот Дејвид Гир денеска на тркалезната маса „Западен Балкан помеѓу Западот и Истокот: С.Македонија- членка на Европската Унија до 2030 година” во организација на Советот на амбасадори.
Со цел да се постигне оваа цел, посочи Гир, мора да постои вистинска политичка решеност меѓу сите политички партии и меѓу сите институции вклучително и бизнисот и граѓанското општество. Според него, проширувањето мора да биде национален проект бидејќи навистина ќе има предизвици на патот кон ЕУ. Гир кажа дека во ЕУ и во меѓународната заедница има голема поддршка за оваа земја.
– Не сум јас тој што треба да ве убедам. Вие треба да делувате со решеност и со убеденост дека ЕУ е вашата иднина. Патот е отворен. Постои импулс, вашата иднина се наоѓа во вашите раце – рече Гир.
Во обраќањето тој посочи на Договорот што потекна од Франција и како резултат на што почнаа преговорите на Македонија со ЕУ и барањето на Бугарија за промена на Уставот.
-Тоа е суверена одлука за оваа држава, меѓутоа јасно е дека со цел да се искористи импулсот во процесот на пристапувањето промените во Уставот мораат да се направат. Ова ќе овозможи процесот да продолжи со отворање на поглавјата. Едноставно не е реалистично да се мисли дека овој чекор може да се избегне и дека процесот на пристапување магично ќе продолжи – истакна Гир.
Не го губите идентитетот, јазикот, историјата на патот кон ЕУ, потенцираше тој додавајќи дека други земји – членки имале такви уставни заштити вклучени во нивните устави и како пример ја посочи Хрватска.
Евроамабасадорот Гир рече дека не ветува дека повторно ќе се преговара за Договорот до којшто тешко се дојде.
Треба да се случат неколку работи за Македонија да го искористи моментот и новиот импулс за проширување на ЕУ, смета тој.
-Најпрво и најважно С.Македонија треба да продолжи да демонстрира вистински напредок во реформите. Едноставно нема кратенки во тој дел. Зборовите не се доволни. Земјата мора да ги усогласи своите закони и практики со тие на ЕУ и да ги спорведува овие стандарди. Ова за ЕУ значи дека С.Македонија е способна да ги преземе обврските од членството. А за С.Македонија дека може да им конкурира на сите земји – членки на ЕУ на еднакво ниво и да ги искористи бенефициите на членките – вели Гир.
Потребно е градење демократски институции. Особено, како што потенцира евроамбасадорот „ова значи важни и видливи активности во борбата против корупцијата вклучително преку развивање на судство и обвинителство кое што ќе одговара на целта, јакнење на Собранието и специјализирани независни институции кои што ќе ја негуваат работата на граѓанското општество и можноста граѓаните да ја реализираат работата“.
Одредени случувања од минатата година, според него, укажале дека реформските процеси во некои клучни области се враќаат наназад и дека тие решиле да зборуваат за неуспесите во овие делови.
– И како што е прикажано во процесите на скрининг се фокусираме на како, каде кој, практични прашања за конкретните чекори што ги превземате – рече Гир.
Во својот говор тој посочи дека нов имплус на процесот на проширување има како резултат на војната во Украина.
– Не зборуваме за прескокнување на реформи туку за препознавање на различните начини на кои сме поврзани заедно врз основа на вредности, трговија, развој, безбедноста и како заедно можеме да се осврнеме на клучните прашања на денешното време: климатските промени, зелената агенда, мирот и безбедноста., меѓународната конкуренција и трговија, поврзаност, миграција… – рече евроамбасадорот.
На тркалезната маса зборуваа и претседателот Стево Пендаровски и вицепремиерите Бојан Маричиќ и Славица Грковска.