– Согласно Уставот, Македонија е јасно декларирана секуларна држава. Религиозни обреди во институциите на државата не се дозволени. Политички, Собранието може на поинаков начин да го осуди геноцидот во Сребреница. Одговорноста е на Претседателот на Собранието да се грижи за дигнитетот на Собранието како и негова заштита од злоупотреби како највисок претставнички дом во Македонија. Овој чин на злоупотреба, исто како и непочитување на законот за употреба на знамињата, Движењето ЗНАМ-За наша Македонија го смета како чин на провокација и демонстрација на моќ од позиција на власт, преку прекршување на Уставот и законите на Македонија – реагираат од ЗНАМ.
Реагираа и од „Левица“.
– Во Собранието на Република Македонија, во салата Борис Трајковски се одбележа Денот на сеќавањето на геноцидот во Сребреница, каде коалициониот партнер на ДПМНЕ и ЗНАМ – спикерот Африм Гаши оддржаа молитва, со што го прекрши Уставот на државата, ја погази секуларноста и сите норми на правната држава.
Имено, Гаши иницирал религиски обред – молитва во Собранието на Република Македонија со што директно е прекршен член 19 од уставот на Република Македонија. Дополнително, тој не го испочитувал уставното нечело дека сите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата – се вели во реакцијата на партијата.
Оттаму велат дека ова анти-државно, анти-уставно и анти-секуларно однесување е реализирано во заеднички договор на владејачката коалиција.
– За жал ова не е единствено вакво однесување на Африм Гаши по давањето заклетва од страна на собранискиот спикер на албански јазик. Левица го осудува ваквото поведение – секуларноста е еден од основните принципи за функционално демократско општество, и затоа ќе поднесе интерпелација против собранискиот спикер за ова своеволие – се вели во реакцијата на Левица.
Кренар Лога, поранешен министер за правда и потпретседател на Алијанса за Албанците, пак, го поддржа чинот. Тој истакна дека полемиките околу верската симболика во јавните простори и државните институции се чувствителна и важна тема. -Кога државата презема чекори за интегрирање на верски симболи од специфична заедница, може да се создадат тензии и чувство на нееднаквост меѓу различните заедници. Меѓутоа, досега нашите сограѓани Македонци и православни не оставија ниту еден објект од „Скопје 2014“ без бисти на верски светци, на државни згради, дури и по мостови и крстосници. Го именуваа Аеродромот во Охрид со верско име, и тоа „Свети Апостол Павле”. Во секој камен-темелник има по еден свештеник, а сега се жалат зошто била направена муслиманска молитва во Собранието. Или држава за сите или за никој. Поддршка за денешната активност во Собранието на РСМ по повод годишнината од Сребреница – се вели во реакцијата на Лога.
Мерсиха Смаиловиќ, модераторка на молитвата во Собранието Фејсбук се огласи со реакција.
-Во врска со реакцијата на денешниот настан организиран од Диванхана во просториите на Собранието, јас, Мерсиха Смаиловиќ, како претставник на невладината организација Диванхана, сакам да појаснам дека денешниот собир беше настан, а не седница на Собранието. Морам да ја поправам дезинформацијата за сликата што кружи денеска, а која прикажува детал од нашата иницијатива за одбележување на 11 јули, Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите од Сребреница, одржана во Собранието.
Како модератор, го започнав настанот со поканување на присутните да одржат момент на тишина или да понудат молитва за жртвите на Сребреница, што е гест на почит, а не религиозен ритуал.Начинот на кој поединците избираат да го изразат овој момент, вклучително и дали избираат да се молат, е лична одлука што ги одразува нивните верувања и убедувања. Собранието не сноси никаква одговорност за овие лични избори. Оние кои се запознаени со церемониите во меморијалниот центар Поточаре ќе знаат дека почитта се оддава на различни начини, при што некои избираат молитва, а други тивко набљудуваат, секој според нивните лични чувства. 11 јули секоја година се одбележува во Парламентот во различни формати, и за жалење е што беше политизиран како дел од секојдневната политичка борба. Жално е што ниту еден претставник од опозициската СДСМ не присуствуваше да го посведочат настанот од прва рака и да ја потврдат неговата природа – напиша Смаиловиќ.