Епидемија на мали сипаници има на подрачјето на Дебар, каде што се регистрирани 17 случаи, објави на својата веб-страница Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Сите заболени во епидемијата, според институтот, се во меѓусебна епидемиолошка врска и сите се жители на Дебар, со исклучок на една жена, која е жителка на Охрид, но секојдневно патува во Дебар, каде што работи.

Во однос на возраста, 11 од заболените се над 30 години, три лица се на возраст од 20 до 29 години и по едно лице им припаѓа на возрасните групи од 15 до 19 години, од 1 до 4 години и под една година.

Деветмина од заболените лица се од машки пол, а осум од женски пол. Од вкупниот број случаи, 10 се Роми, четворица се Албанци, двајца Турци и еден заболен е од македонска националност.
Од заболените за 10 лица има лабораториска потврда, седум се со утврдена епидемиолошка врска, а за четири лица сѐ уште се чекаат конечните лабораториски анализи.

Најголем број од заболените лица во епидемијата (9) се вакцинирани со една доза, три лица се вакцинирани со две дози, четири се невакцинирани, а едно лице е со непознат вакцинален статус.

Од ИЈЗ информираат дека е поделен информативно-едукативен материјал на вработените во примарната здравствена заштита (матични лекари, педијатри), во детските градинки, остварени се настапи во локалните медиуми за информација на населението и едукација за мерките на заштита од заболување.

На веб-страницата ИЈЗ објави едукативен материјал за луѓето што патуваат на дестинации, каде што има епидемии од мали сипаници (летни одмори) да бидат свесни за ризиците доколку нивните деца или тие не се вакцинирани против мали сипаници.
Од почетокот на годината досега во Република Македонија се регистрирани 28 случаи на мали сипаници, од кои 20 се класифицирани како потврдени случаи на мали сипаници (лабораториски конфирмирани), седум се класифицирани како веројатни случаи (со епидемиолошка врска) и еден е можен случај, кој исполнува само клинички критериуми.