Доживеавме вчера во Скопје да ни веат знамиња на туѓи држави и да ни скандираат УЧК, а притоа целата наша политичка елита и од позиција и од опозиција да молчи и не смее глас да крене. Еве што ти била цената на власта и позицијата-да се направи калкулација и математика за да се трча по гласови во вториот круг, ама затоа главата ќе се ведне и кичмата ќе се свиткува. Е Максим тоа нема да го дозволи, порача вечерва од митингот во Струмица претседателскиот кандидат на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски.
Тој му порача на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека за жал тој не се променил во ниту еден момент од 2001 година.
– И затоа едно ќе му кажам: господине Ахмети ние сакаме да градиме убава и позитивна историја за македонскиот народ и сите заедници кои живеат на овие простори. Ние сакаме Македонија да ја гледаме таму каде што и е местото – во Евроатлантскиот сојуз, но притоа почитувајќи го нашето достоинство, интегритет, македонскиот јазик, култура, континуитет, самобитност, сопствената историја и се она што е македонско, затоа што ова Република Македонија, како и да ја нарекуваат, ја изградиле нашите предци, Македонците и доколку зависиме од желбата на другите околу нас ние немаше да имаме своја и независна држава. И верувајте ми ќе ја одбраниме и со зборови и со дела ако треба – рече Димитриевски.
На митингот во Струмица говореше и носителот на пратеничката листа во четвртата изборна единица на Движењето ЗНАМ, Миле Цеков.
Претседателскиот кандидат Димитриевски покрај митингот во Струмица, денеска ги посети и Василево, Босилово, Ново Село и Радовиш.