Под мотото „МВР за граѓаните“ и промовирајќи го концептот „Полицијата во служба на граѓаните“, денеска во Делчево се одржа централната прослава по повод Денот на македонската полиција, 7 мај. На свеченоста присуствуваа претседателот на Собранието Талат Џафери, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и други министри и претставници од Владата, претставници од амбасадите во РСМ, директори на полициите од земјите од регионот, пензионирани припадници на МВР, семејства на загинатите припадници на МВР, пратеници во Собранието, како и претставници на други институции.

Mинистерот Спасовски додели плакети за успешно реализирани оперативни акции и најдобри постигнати резултати во МВР за 2021 година, а во своето обраќање по повод свеченоста, меѓу другото истакна дека институциите постојат само и единствено во интерес на граѓаните, независно на нивните лични определби и ставови, воспоставени се модерни стандарди коишто целосно ќе ја реализираат клучната позиција на институцијата, а тоа е полиција – сервис на граѓаните.

– Следејќи го доследно пулсот на времето, на регионалните и глобалните политички и безбедносни трендови, но и потребите и очекувањата на граѓаните, од сегашна преспектива можеме слободно да заклучиме дека Министерството за внатрешни работи, сите негови организациски единици веќе се етаблираат не само како сервис и партнер на граѓаните, туку и како респектабилен партнер на надворешен план, активно ангажирани во мноштво регионални и меѓународни иницијативи, асоцијации и проекти во речиси сите области од безбедносната сфера – порача Спасовски.

Спасовски упати и порака дека полицијата може и мора да остане доследна на трасираниот пат на бескомпромисно чување на законот и законитоста; на редот и поредокот и секако, на сигурноста и безбедноста на сите наши граѓани.

Џафери упати честитки по повод празникот и апелираше до сите припадници на МВР, да бидат првата врата на која ќе тропнат граѓаните, првиот број на кој ќе се јават секогаш кога ќе се почувствуваат беспомошни и небезбедни.

Во градскиот парк во Делчево беше презентирана дел од опремата, ресурсите и вештините на припадниците на организациските единици на МВР, а најинтересниот дел беше за најмладите кои се дружеа најмногу за полицајците и имаа можност да се запознаат со изложената опрема и возила, додека повозрасните граѓани кои денеска беа присуни во градскиот парк се запознаа со потенцијалот и опремата што ја поседува македонската полиција.

Фото:МВР