Трим патека на Водно/ Фото: Маја Јаневска-Илиева

На барање на ЈП „Национални шуми“, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, дало согласност за продолжување на целосната забрана за движење во шумите и шумското земјиште на територијата со која стопанисува јавното претпријатие до 30 септември, поради зголемената опасност од појава на шумски пожари на отворен простор.

Целосната забрана за движење во шумите и шумското земјиште не важи за Министерството за внатрешни работи, Министерство за одбрана, Шумската полиција, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување – Државниот инспекторат за шумарство и ловство, ЈП „Национални шуми“, како и за субјектите што вршат шумскостопански активности, шумски работи и заштита на шумите, и лица што имаат писмено одобрение за движење во шумите.

Движењето ќе биде дозволено единствено со писмено одобрение издадено од подружниците на ЈП „Национални шуми“ – Скопје за подрачјето со кое стопанисуваат/управуваат. За спроведување на забраната одговорни се вработените од ЈП „Национални шуми“, кои вршат дејност заштита, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Шумската полиција и МВР.

Од ЈП „Национални шуми“ укажуваат дека за движење во парк-шумите, како што е Водно, и националните паркови, граѓаните да се информираат кај правните субјекти што управуваат со овие територии.