Бугарско знаме на споменикот во Градски парк/Фото: Фејсбук „Фондација Македонија“

Бугарско знаме беше поставено на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје во петокот од страна на активисти на бугарската „Фондација Македонија“, кои преку Фејсбук најавија оти доаѓаат во Македонија за неделава да исчистат неколку споменици.

– Фондација Македонија повторно го исчисти споменикот на Георги Делчев во Скопје – наведено е на фејсбук-страницата на фондацијата.

Претседателот на фондацијата, Виктор Стојанов, кој неодамна за бугарските медиуми истакна дека му бил забранет влез во Македонија, преку својот фејсбук-профил повикува на приклучување на новите акции во земјава, за кои тој вообичаено информира.

– „Фондацијата Македонија“ бара доброволци кои можат да патуваат во Македонија од 15 до 18 август. За 19, 20 и 21 август планираме неколку иницијативи и неколку наши групи ќе патуваат во Македонија – се вели во апелот на фејсбук-страницата на „Фондација Македонија“, каде што се додава и „ех, Скопје, Скопје… уште ништо не си видело“.

„Фондација Македонија“ пред неколку месеци тврдеше дека низ Скопје залепила 10 илјади налепници на кои пишувало дека „Македонците се еден народ со Бугарите“.

На фејсбук-страницата на „Фондација Македонија“ се посочува оти станува збор за културна и образовна организација создадена од Бугари од Бугарија, Македонија и од светот, со една цел – населението на  Бугарија и Македонија да биде едно општество во две земји.