Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) ги повикува избраните функционери да ги почитуваат начелата, обврските и забраните утврдени во Уставот, Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, Законот за пратеници, Законот за собранието и Изборниот Законик.
Антикорупциска бара Собранието, како одговорно над работата на владата и министерствата, итно да постапи откако техничкиот премиер и министерот за здравство одбија да ги предадат министерските функции, а ги задржаа и пратеничките места.
Преку соопштение по завршување на изборите за пратеници во Собранието, ДКСК потсети на неколку уставни начела како што се неспојливоста на функцијата претседател на Владата и министер со вршење на други јавни функции или професии.
Оттаму, тие потсетуваат на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси со кој тие имаат обврска да го почитуваат начелото на интегритет, односно обврската при вршењето на функцијата да внимаваат на евентуален судир на интереси, а при извршувањето на јавните овластувања и должности не смеат да се раководат од лични, семејни, верски, партиски и етнички интереси, ниту од притисоци и ветувања од претпоставениот или од друго лице.
ДКСК потсетува дека избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција која ја врши со други функции или дејности утврдени во Уставот и законите.