Фото: Светска банка

Имајќи ги предвид предизвиците со кои се соочуваме, владите мора да имаат одговор за фискална одржливост и да ги заштитат најранливите од влијанијата, порача од Скопскиот економски и финансиски форум потпретседателката на Светската банка за Европа и Централна Азија Ана Бјерде.

– Свесни сте колкав е фискалниот простор, јавните долгови се зголемени и има предизвици во однос на јавниот долг и нешто што не беше предвидено во буџетите. По неколку рунди на одговор на кризата, фокус треба да се стави на структурните ограничувања, што го попречија креирањето на нови работни места , исто така и фискалната консолидација, а и социјалната инклузија бараат нов фокус за премостување на структурните пречки -рече Бјерде.

Според Бјерде, потребни се подобри услови за фирмите да инвестираат, да креираат нови работни места, иновации и активности за младите.

– Тука во Северна Македонија на пример, ова значи да се загарантира поголема транспарентност и ефикасност на секторот правда, реформи на државната помош и за инвестирање во приватниот сектор, усогласување со цел вештините да одговорат на економиите во 21 век. Тие се развој, фокус на зелени инструменти. Зелената транзиција бара соработка на национално и регионално ниво со заеднички пристап, паметно земјоделство, дигитализација, вештачка интелигенција и исто така генерирање на обновливи извори на енергија, да обезбедат земјите природни извори на енергија – порача Бјерде.

Таа ја нагласи заложбата на Светска банка за развој на структурите за одржлив развој, потенцирајќи дека ова е сложен предизвик кој бара визија и храброст да се надминат економските пречки и да се спојат различни перспективи во една визија.

– Во овој период имаме многу несигурни точки, но исто така и можности да се промени насоката на политичката агенда, да се забрза имплементацијата на реформите што ќе овозможи раст. Се надевам дека ќе градиме врз основа на она што е веќе сработено во однос на инвестициите и немам сомнеж дека оваа конференција ќе даде придонес за справување со предизвиците и ќе даде поддршка на моделите за развој и намалување на сиромаштијата – заклучи Бјерде.

Комесарот за буџет и администрација Јоханес Хан кој се обрати преку видео порака на Форумот, нагласи две работи кои се клучни за справување со несигурноста, а тоа, како што рече се заедничка политичка волја и предвидување.

– Наредната генерација на ЕУ не ја симболизира само политичката волја, туку и нашата визија Европа да биде подготвена за иднината да го антиципира растот. Приоритетите што ги дефиниравме со наредната гнерација на ЕУ се сега најважни. Зелениот договор и дигитализацијата ќе ни овозможат да излеземе посилни од пандемијата и да го издржиме ударот од војната во Украина, посебно Зелениот договор служи како стратегија за одржлив развој и мотор за создавање работни места, исполнување на таргетите за 2030-та година, еден процент од БДП и да се креираат над еден милион нови зелени работни места – рече Хан.

Тоа, според него, ќе помогне и на бизнисите и на домаќинствата.

– Убеден сум дека иднината лежи во европската соработка и интеграцијата вклучувајќи го Западен Балкан и Источна Европа. Ова е моментот кога треба да ја креираме нашата заедничка иднина со политичка волја и визија – нагласи Хан.