Православните христијани денеска го празнуваат празникот Водици или Богојавление – денот на кој според христијанското предание Св. Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан.

Се прославува на 19 јануари кај црквите што го користат јулијанскиот календар (вклучувајќи ја и македонската), а на 7 јануари кај црквите што го користат грегоријанскиот календар.

Со тоа му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина.

Со овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. Некрстени денови туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божиќ, Нова Година (Василица) и сл.

Традиционално, во реките се положуваат крстови, а оној што ќе го фати Светиот крст се верува дека ќе го следи благослов и среќа во текот на целата година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со спуштањето на крстот водите се осветуваат и стануваат лековити.

Централната манифестација во Скопје ќе се одржи напладне кога архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе го спушти крстот во Вардар од мостот кај хотелот „Холидеј Ин“.

Претходно, во 9 часот, тој ќе богослужи Златоустова литургија во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“, а во 11.45 часот богојавленски литии ќе се упатат кон местото каде ќе се одржи традиционалната верска манифестација.

Првата богојавленска литија (поворка) е планирана од храмот „Св. вмч. Димитриј” во Скопје, преку кејот кај Министерството за надворешни работи до мостот кај хот. „Холидеј ин”, а втората литија ќе почне од храмот „Рождество на Пресвета Богородица” во која ќе учествува и архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и ќе се движи по кејот на Вардар и покрај МНР ќе пристигне на мостот.

Од Скопската епархија информираат дека лицето кое ќе го фати крстот ќе прими честитки и дарови од архиепископот г.г. Стефан.

Како и во минатите години, најмасовно се очекува да биде во Скопје и во Охрид. Во Скопје се пријавени 140 граѓани за учество на манифестацијата „Водици 2020“.