Нови 8.000 хектари земја ќе се наводнуваат од браната Конско, земјоделците добиваат навремено снабдување со вода и помали производствени трошоци, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев, кој заедно со генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски беше во посета на браната во изградба Конско којашто претставува најкрупен капитален проект што се гради во овој регион во изминативе 50 години.

– Изградбата на овој крупен капитален проект продолжи да се гради интензивно според сите безбедносни протоколи за заштита и во вонредни услови предизвикани од пандемијата со коронавирусот. И во вакви тешки вонредни услови продолжуваме да градиме инфраструктура за сите важна за покренување на новата развојна македонска економија – рече Заев.

Тој додаде дека нови 8.000 хектари земјоделска површина ќе бидат наводнувани од оваа брана штом се финализира изградбата.

– Земјоделците од овој крај ќе добијат навремено и ефикасно снабдување со вода во текот на производствената сезона со што ќе се намалат нивните производствени трошоци, а нашата земја ќе добие зголемување на производството и на конкурентноста на земјоделски производи од овој крај – нагласи Заев.