Владата, на денешната 109. седница, ја разгледа и усвои информацијата за состојбата со шумските пожари на територијата на државата, со пресек од 2019 до 15 август годинава.

„Врз основа на податоците од информацијата за опожарените површини, а со цел да се санираат штетите во согласност со редовната и вонредната програма за пошумување на ЈП ‘Национални шуми’, Владата му препорача на Министерството за финансии да ги разгледа можностите за алоцирање средства во висина до 421, 2 милион денари во согласност со процената за висината на штетата за целосна реализација на програмата за пошумување“, информираат од владината прес-служба.

Дополнително, Владата му препорачала на управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, во координација со Министерството за финансии, Секретаријатот за европски прашања и ЈП „Национални шуми“, да ги разгледаат можностите за утврдување извори за финансиски средства од фондовите на ЕУ и од програмите за климатски промени на Светската банка за набавка на комплетна современа опрема, вклучително и специјални теренски возила за справување со пожари и други природни катастрофи во согласност со предвидените реформи на системот за заштита и спасување.