Најавите за можна набавка на руските ракетни системи „С-400“, од страна на нашиот сосед Србија, ги подгреаја размислувањата како може да се одрази тоа врз Македонија, како идна членка на НАТО, но и генерално како ќе влијае на односите и на безбедноста во регионот

Какви безбедносни и политички состојби може да иницира носењето на супермодерните руски ракетни системи „С-400“ на Балканот. Оваа дилема е актуелна во домашната јавност по неодамнешната изјава на рускиот вицепремиер Јури Борисов, кој истакна дека е возможно руските ракетни комплекси „С-400“ да ѝ бидат продадени на Србија на кредит.

Високиот руски државник истакнал дека по заедничките воени вежби со Србија, кои неодамна се одржаа на српска територија, на кои Руската Федерација ги донесе системите „панцир“ и „С-400“, српската страна изразила задоволство од функционирањето на овие модерни оружја. Деновиве на самитот на НАТО во Лондон, Турција, како земја-членка на Алијансата, беше изложена на жестока критика од дел од преостанатите членки токму поради процесот на набавка на нови вакви руски системи, откако претходно веќе имаат набавено.
Во сублимиран заклучок, безбедносните експерти со кои се консултиравме велат дека носењето руско оружје во регионот ќе предизвика лавина од безбедносни и политички реакции и тензии, во кои со сигурност би била вовлечена и нашата земја.

Пецо Трајковски од форумот за истражување безбедносни политики „Секуритас“ коментирајќи ги актуелните настани, кои сѐ уште се само најава, вели дека со сигурност ќе ја тангираат Македонија од повеќе причини.
Според него, со самиот факт што многу скоро ќе бидеме дел од НАТО, кој како воен сојуз на големо се противи на руското воено дејствување ,и нашата земја во состав на поголемата слика на Алијансата ќе ги следи политичките и безбедносните влијанија по ова прашање на сојузот.
Трајковски потсетува дека изминатиов период голем дел руски државници и амбасадори јасно подвлекоа дека со нашето влегување во воениот сојуз ние ќе станеме и легитимна цел на руската воена машинерија.

– Во тој контекст, руските ракети во Србија и тоа како ја допираат безбедноста на Македонија бидејќи со нив низ призма на московските интереси ќе се нишанат сите летала над нашето и регионалното небо – вели Трајковски.
Безбедносниот истражувач вели дека Алијансата многу веројатно, доколку се развие оваа состојба, ќе реагира и политички но и воено.
– Воено е возможно кај нас, како непосреден сосед на Србија, да бидат поставени оружја, кои би го превенирале дејствувањето на овој ракетен систем и е сосема логично да се претпостави дека нашата земја би била местото каде што ќе се монтираат и НАТО-оружја во склоп од ракетниот штит, кој е дизајниран да се брани од ова руско дејствување – вели Трајковски.

Тој додава дека од политичкиот агол на случувањата, возможно е да се очекува дека државите, вклопувајќи ја тука и Македонија, би вовеле санкции и притисоци врз Србија на начин на кој сето тоа сега се манифестира врз Турција, каде што исто така се монтираат овие руски оружја.
– Она што е интересно во овие случувања е дека руските ракети во Србија не треба да се гледаат како закана за Македонија, бидејќи тие тука се поставуваат за да се испрати воена порака до Германија, Англија и Франција, затоа што имаат домет да достигнат цели насекаде во Стариот Континент – вели тој.

Докторот на воено-политички науки Благоја Марковски, пак, напоменува дека Србија како воено-неутрална држава во овој момент го има сето право својата армија да ја вооружува на начинот на кој сака и за кој верува дека најмногу ќе одговори на нејзините безбедносни процени.
Марковски напоменува дека, сепак, иако Србија е опкружена со соседи што се членки на НАТО, оваа земја не би требало да стравува од претензии по нејзината територија од соседите бидејќи такво нешто не се манифестира од никого во регионот.
– Во тој правец, вооружувањето на Србија со супермодерни ракети, но и со современи воздушни и копнени оружја, што е евидентно изминатиов период, е непотребно – вели тој.
Според него, доколку руските ракети навистина стигнат во Србија, меѓународната заедница е возможно да реагира.

– Во таков склоп на случувањата, Македонија како следна членка на НАТО, која истовремено има исклучително добри релации со Србија и негува заеднички вредности и добрососедска политика, ќе биде принудена да ги следи упатствата од Алијансата како да се постапи по ова прашање – вели тој.
Марковски потсетува дека кога овие оружја веќе еднаш беа присутни на Балканот, во воената вежба во Србија, остро реагираа земјите од регионот, особено Бугарија, која се пожали дека ракетниот систем на Руската Федерација ја загрозил безбедноста на Софија.
Генералот во пензија Митре Арсовски, пак, смета дека оваа набавка на оружје нема да промени многу во релациите меѓу Македонија и Србија.
Тој ја гледа оваа набавка на оружје како логична, бидејќи Србија е воено неутрална, но и негува блиски релации со Русија.

– На ваков начин, со продажбата на руските ракети, Москва формира место каде што ќе ги заштити своите интереси на Балканот, а ние во тој процес ќе бидеме ставени во сендвич бидејќи и со двете страни, и со Србија и Русија но и со НАТО од кое скоро ќе сме дел, негуваме одлични релации – вели Арсовски.
Дополнително, според генералот, руските ракети во Србија би можеле да ги загрижат и Грците бидејќи тие со нивни авиони ќе треба да се справат со ова оружје додека го заштитуваат небото над Македонија.
За политичката димензија на случувањата, додава Арсовски, ако навистина се донесат овие руски ракетни системи на Балканот, со сигурност ќе има одредени политички реакции, кои ќе може да ги очекуваме од кабинетот на претседателот, кој е врховен командант на вооружените сили и заседава со Советот за безбедност.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски оценува дека резултатот на овие состојби, доколку се остварат, ќе го направат регионот да биде место во Европа во кое суперсилите ќе трупаат оружје.

– По домино-принципот, едно вооружување на Балканот носи и други довооружување на преостанатите субјекти во комплицираниот балкански мир – вели Стефаноски.
Па од македонска перспектива на настаните, аналитичарот вели дека членството во НАТО ни е единствената заштита на нашата држава во пресрет на растечка несигурност на Балканот.

[email protected]