Многу истражувања и студии докажаа дека несоодветната манипулација со храната и лошата хигиена и практики во домот го зголемуваат ризикот од инфекции во домаќинствата
Дури 38,5 отсто од македонските граѓани мислат дека зготвена храна може да стои на собна температура и до шест часа, а 41,8 сметаат дека таа треба да биде изложена на собна температура до два часа. Ова го покажало последното анкетно истражување што го направила Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), а кое имало цел да покаже какво е знаењето на граѓаните по прашањата поврзани со безбедноста на храната во домот.
Според резултатите, граѓаните главно не знаат како треба со храната и има потреба за подобрување на нивните основни знаења. Токму чувањето храна на несоодветна температура се јавува како најчеста грешка што може да доведе до опасност од труење.
– Според Светската здравствена организација (СЗО), околу 40 отсто од случаите на заболувања поврзани со храната се јавуваат во домот. Многу истражувања и студии докажаа дека несоодветната манипулација со храната и лошата хигиена и практики во домот го зголемуваат ризикот од инфекции во домаќинствата. Бројот на болестите поврзани со храната постепено се зголемува, но бројот на пријавени случаи е потценет поради недостигот од извештаи за појавата на болести во домаќинствата – информираат во АХВ.
Во моментов најголем дел од купената храна се смета за безбеден, но постои потреба за едукација, како потрошувачите правилно да ги зачуваат прехранбените продукти во своите домови. Имајќи предвид дека потрошувачите се последната алка во синџирот на приготвување на храната и спречување на болестите поврзани со храната, потребно е да се намали ризикот од неправилно ракување со храната и едукација за нејзино правилното чување.
Интересен е податокот дека дури 50 отсто од оние што подгреваат веќе зготвена храна не го прават тоа како што треба, односно не ја загреваат доволно. Инаку, 71 отсто од испитаниците ја подгреваат веќе зготвената храна само еднаш, а 9 отсто ја подгреваат и повеќепати.
Во поглед на свесноста за лошите практики за одржување хигиена во кујната, кај околу 20 отсто од испитаниците постои убедување дека бришењето на рацете со влажна крпа и присуството на домашно милениче во кујната не претставуваат опасност за безбедно приготвување храна во домот. Дополнително, кај половина од испитаниците постои убедување дека за соодветно миење на рацете се доволни само 10 секунди.