По повод почетокот на новата академска 2021-2022 година, министерката за образование и наука Мила Царовска го посети Природно – математичкиот факултет во Скопје, каде се обрати на првиот академски час, упатувајќи порака до студентите да бидат целосно посветени на студирањето за да можат добро да се подготват за животните предизвици кои ги очекуваат по дипломирањето.
„Упатувам апел до вас студентите да бидете внимателни на предавањата, слушајте ги и почитувајте ги професорите и трудете се да ги надминете своите лични, но и нивните очекувања. Само така ќе станете генерација која успешно ќе ја добие својата битка и генерација која ќе биде носител на промени за подобро општество“, рече Царовска.
Таа додаде дека направени се низа промени во делот на стипендирањето на студенти, а воведени се и нови мерки.
„ Од оваа академска година, месечните износи на најголем дел од категориите на студентски стипендии се значително зголемени, некаде дури и за над 80%. Еве, ова е добра прилика да потсетиме дека аплицирањето за нив, започнува токму денес, а деталите се објавени на веб страницата на МОН“, рече Царовска.
Дополнително, додаде министерката, за прв пат воведено е и ново системско решение – субвенциониран студентски оброк кое предвидува доделување на средства кои препорачуваме да се користат за купување здрава храна и кои се во месечен износ од 2400 денари, а се исплаќаат за 9 месеци во годината. Информираше дека ова право веќе го остварија над 18 илјади тековни студенти, за што во текот на денешниот ден ќе се реализира и првата исплата од вкупно 26 милиони денари кои ќе се префрлат на сметките на студентите, а потсети и дека во тек е вториот рок за пријавување на студенти од прва година, како и за оние кои ги исполнуваат условите, но не успеале да го остварат правото при првиот рок.
„Исклучително е важно да споменеме и дека студентскиот стандард се подобрува и преку вложување во унапредување на условите на високообразовните установи и особено во студентските домови чии услуги секоја година ги користат над 5000 студенти, а кои во минатото беа заборавени. Денес, имаме конкретен проект за реконструкција на сите државни студентски домови и за постигнување на современи стандарди за престој и целосна енергетска ефикасност до крајот на 2024 година, за кој обезбедивме 25 милиони евра“, рече Царовска.
Министерката се осврна и на условите за студирање на Природно – математичкиот факултет, каде како што рече состојбата значително се подобрува и од инфраструктурен аспект, но и се комплетира кадарот кој во минатото недостасуваше.
„ Како министерство даваме поддршка и спуштаме средства да се подобрат условите, а од почетокот на календарската година обезбедивме и околу 40 согласности за вработување на млад кадар со кој се пополнуваат празнините поради кои многу часови и предавања порано остануваа нереализирани. Така што сега ситуацијата е одлична, воедно овој факултет нуди и одлични можности за сите кои го одбираат, да имаат брз и успешен настап на пазарот на трудот, бидејќи профилите се многу барани и потребни во општеството, па дури и имаме стипендии од 18.000 денари месечно за да ги стимулираме младите да се запишуваат на одредени студиски програми на ПМФ“, додаде Царовска.
Успешна работа и добро здравје Царовска им посака и на претставници на професорската и научната фела, при што рече дека верува, како и секогаш ќе се заложат за создавање на нова генерација на студенти што барем за нијанса ќе биде подобра од сите претходни, како предизвик кој се поставува пред секоја академска година.