Уставниот суд нема да поведе постапка за уставноста на одлуката за распуштањето на Собранието.
– Уставниот суд на Република Северна Македонија денес на продолжението на Десеттата седница, со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.43/2020) – информираат од Уставниот суд.
Иницијативата беше поднесена од Светскиот македонски конгрес.
По одржувањето на седницата, судиите на Уставниот суд, денеска одржаа работен состанок на кој ја утврдија динамиката на разгледување и одлучување по иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на оспорените уредби со законска сила донесени од Владата, но и по однос на предметите за оценување на други уредби со законска сила за кои Судот одлучи да поведе постапка по службена должност.