Бујар Османи

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за образование и наука Арбер Адеми се негативни на ковид-19. Тие на своите профили на Фејсбук објавија дека е негативен првиот тест којшто им беше направен.

– По една недела изолација, првиот тест за ковид-19 е негативен. Врз основа на одлуката ми требаат уште седум дена за да останам во изолација, а потоа и вториот тест – напиша вицепремиерот Османи.

Министерот Адеми, исто така информира дека е негативен и им се заблагодари на сите за поддршката и им посака брзо закрепнување на сите заболени.

– Апелирам до сите граѓани да ги почитуваат препораките, да останат дома, да внимаваат на хигиената и да одржуваат меѓусебно растојание од два метра – напиша Адеми.

Османи и Адеми заедно со премиерот Оливер Спасовски и министерот за здравство Венко Филипче беа во самоизолација откако имаа средба со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски кој е позитивен на вирусот.