Фото: Игор Бансколиев

Младата пациентка од тетовско Сиричино која имаше 16 години почина на Клиниката за инфективни болести во Скопје, oткако била донесена во многу тешка состојба. Починатата девет дена се лекувала дома, по што, три дена е третирана во тетовската Клиничка болница. Девојката немала никакви претходни заболувања.

– Според медицинскиот извештај од КИБФС, станува збор за исклучително тежок случај при што девојката била кислородно зависна со тешка ковид-пневмонија. Во текот на хоспиталниот престој од анализите е потврдена и белодробна тромбемболија. Во текот на лекувањето доаѓа до брзо прогресивно влошување на респираторната функција. Пациентката е мултидисциплинарно лекувана поради развиените компликации. Во текот на вчерашниот ден дојде до драматично влошување на виталните параметри што доведе до срцево белодробно попуштање – велат од Министерство за здравство.

Според болничкиот извештај, младата пациентка не била вакцинирана.

Инаку, ова е втор случај за два месеца, каде млад пациент ја губи битката со коронавирусот. Претходно, почина 18-годишна девојка од Гевгелија. Таа, според болничкиот извештај и информациите на Министерство за здравство имала три хронични заболувања.