Сѐ до доаѓањето на вакцината никако не смееме да се потпреме на концептот на колективен имунитет

1408

За личниот и колективниот имунитет, за антималаричните и антиревматичните лекови во терапија за ковид-19, за веќе постоењето на експерименталните вакцини, за неопходноста да водиме грижа за сопствената физичка и психолошка благосостојба, во извадоците од интервјуто за српски „Недељник“ со д-р Срџа Јанковиќ, специјалист по имунологија и хепатологија на Универзитетската детска клиника во Белград

Како ви звучат сите приказни за лековите што се тестираат и дали постои објаснување за добрата ефикасност на лековите за маларија и оние за ревматски автоимуни болести?
– За многу лекови од порано се знае дека имаат антивирусно дејство. Истото тоа важи и за една одредена комбинација на антималарици и антиревматици, за која деновиве доста често се пишува. Овој, како и многу други тераписки протоколи, сега забрзано се испитува во рамките на сеопфатното интердисциплинарно лекување на лица заболени од ковид-19, особено оние со потешки облици на болеста, со оглед на тоа дека поблагите форми не бараат никакво лекување. Во иднина ќе се види кој од достапните антивирусни агенси и во каква комбинација ќе се покаже како најдобар. Во таа смисла студиите што се објавуваат секојдневно, несомнено имаат големо значење и претставуваат одредено охрабрување. Сепак, изборот на оптимална терапија е секако во доменот на инфектолозите и другите членови на лекарските тимови.

Проблеми настануваат кога луѓето ќе прочитаат некаква студија за одреден потенцијален тераписки режим и веднаш помислуваат дека токму тоа е „оној“ лек, па доаѓаат во искушение сами да го набават и да го користат на своја рака. Ваквото однесување секако не е од помош, а може да биде и штетно, дури и погубно. Овде морам да додадам дека антивирусните лекови немаат превентивно дејство – тоа го може исклучиво вакцината, а таа засега не ни е на располагање. Ризикувам да се повторувам, но во еден неодамнешен разговор на оваа тема, ваквиот стил на однесување се обидов сликовито да го опишам на следниов начин: замислете, некој ќе прочита случајно отворена страница од „Господарот на прстените“ и само врз база на тие неколку реченици ќе помисли дека точно знае што требало да направи Гандолф за да го спаси средниот свет.

Сите зборуваат дека во најдобар случај вакцината би можеле да ја очекуваме во периодот помеѓу една година и 18 месеци. Дали сметате дека некои држави можат да го скратат овој рок? Колку е реално да очекуваме такво нешто?
– Во моментов неколку од најдобрите истражувачки тимови од различни земји работат на развојот на вакцина против САРС-коронавирусот-2. Релативно брзо може да се дојде до експериментални вакцини (некои се дури и создадени), но потребно е време да се извршат клинички тестирања, за да се увериме дека одредена вакцина е безбедна и ефикасна. Во нормални околности, овој процес трае неколку години, па дури и децении. Се разбира, во услови на пандемија процесот би можел да се забрза, но само донекаде, бидејќи истражувачката и медицинската етика мора целосно да се испочитуваат.

Токму поради ова, не е реално да се очекува дека кај која било вакцина може да се започне со рутинска примена пред истекот на година и пол или две години.
На интернет кружат најразлични совети за јакнење на имунитетот, има и многу „советници“ за тоа што треба да јадеме и пиеме… Но, реално кажано, дали е можно ваквото експресно јакнење на имунитетот и колку е тој навистина неопходен во борбата со ковид-19? Особено кај луѓето што се хронично ненаспани, пушат или имаат поголем број нездрави животни навики? Дали овој вирус ги одбира токму нив?
– Зајакнувањето на имунитетот не игра никаква улога во превенцијата од коронавирусот. Не постои никакво средство со кое би можеле да се заштитиме од оваа инфекција и затоа е од најголема важност ригорозното придржување на превентивните мерки. Секако дека остануваат во сила сите препораки за здрава исхрана, начин на живот и добри навики.

За жал, пандемијата ќе потрае одредено време, затоа е многу значајно да водиме грижа за сопствената физичка и психолошка благосостојба. Меѓутоа, не постои ништо специјално што би можеле да го внесеме во организмот за да бидеме заштитени од инфицирање со САРС-коронавирусот-2.
Што можат да прават лицата што веќе имаат хронични болести? Тие практично не може да се заштитат на друг начин освен со изолација.

– Изолацијата и другите заштитни мерки (хигиена, дезинфекција, лични заштитни средства) се клучни за нашата безбедност, како и за генералното „умртвување“ на оваа пандемија. Болестите што го зголемуваат личниот ризик би можеле да се сфатат како причина повеќе да бидеме ригорозни во следењето на препораките. Иако, во суштина, не ни е потребна причина повеќе, затоа што човечките животи може да се спасат единствено ако сите, буквално сите, решиме строго да се придржуваме кон мерките против епидемијата. Во овој контекст, не е неважно да се истакне дека ковид-19 не е секогаш апсолутно безопасен за младите луѓе, вклучувајќи ги и оние со совршено здравје. Одреден ризик секако постои, колку и да е мал на поединечно ниво.

Може ли да се зборува за колективен имунитет? Дали во неговото отсуство лежи објаснувањето (освен неодговорноста) за она што ѝ се случува на Италија во споредба со Кина – која не само што беше многу дисциплинирана туку и претходно имаше искуство со одреден вид претходник на ковид-19, вирусот САРС?
-Засега нема докази за тоа. Не знаеме во колкава мера нѐ штити вкрстениот имунитет на досега познатите коронавируси, но тие вируси се секако веќе одамна глобално распространети, така што не би можеле да се објаснат географските разлики во вируленцата. Разликите исто така не е можно да се објаснат со никакви етнички чинители – сите светски народи се еднакво чувствителни (иако постојат варијации од една личност до друга).

Еволуцијата на вирусот – поделбата на подвидови врз основа на новите мутации – претставува едно од објаснувањата, но засега сме далеку од дефинитивна потврда. Во секој случај, на почетокот на пандемијата никаде не постоеше колективен имунитет, ниту пак ќе постои сѐ додека не се процени степенот на удел на целокупната светска популација. Но нашата цел и не е таква, затоа што би ризикувале голем број ранливи индивидуи, а многу од нив би биле и животно загрозени. Оттука, сѐ до евентуалното доаѓање на вакцината, никако не смееме да се надеваме на колективен имунитет, туку напротив – треба да се насочиме кон превенција со сите средства што ни стојат на располагање.