Нема простор за паника кога е во прашање ковид-19, инфекцијата ќе биде присутна како што е присутен грипот, изјави за МИА, директорката на Клиниката за инфективни болести, Милена Стевановиќ.
– Шестмина хоспитализирани пациенти имаме во моментов, примени изминатите денови, повозрасни, над 70 години, сите со сериозни коморбидитети и тешки болести, како малигност, срцева болест. Двајца од нив се во сериозно тешка состојба. Во тек на вчерашното дежурство, има десетина амбулантски прегледи на ковид позитивни, со лесна клиничка слика, за лекување во домашни услови. Повеќето пациенти се со лесна клиничка слика. Веројатно ќе се зголемува бројот, со оглед на тоа што луѓе се вратија од различни страни на светот. Епидемиолошки, тоа е многу логичен след – појасни докторката.
Таа нагласи дека во секој случај, во болнички установи и аптеки, задолжително треба да се носат заштитни маски. Главно е, додаде, да се лимитира комуникацијата со болни и не е сменета препораката за заштита.
Во текот на август, во нашата држава пријавени се вкупно 112 случаи на ковид-19, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје.
– Во однос на претходниот месец, јули, се регистрира зголемување на бројот на пријавени од ковид-19 за 4,6 пати, a во однос на месец август 2022 година, се регистрира многукратно намалување на заболените. Од заболените во август 2023, најголем број на заболени се пријавени од Скопје, а највисока инциденца се регистрира во Кавадарци, пишува во извештајот на Институтот за јавно здравје.
Триесет и пет од заболените лица се реинфекции. Во текот на месецот пријавено е едно починато лице. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, со најголем број на случаи пријавени во возрасната група над 60 години.
Во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на коронавирус во текот на месец август се тестирани вкупно 512 материјали со зголемување на бројот на тестирани за 1,4 проценти во однос на минатиот месец. Од почетокот на пандемијата, заклучно со 31 август годинава, пријавени се вкупно 348.491 потврден случај на ковид-19 и 9.942 смртни случаи. Бројот на аплицирани дози на ковид-19 вакцина во текот на август останува непроменет во однос на претходниот месец.