Џенифер Гејтс, ќерка на основачот на „Мајкрософт“ Бил Гејтс, во петокот ја прими првата доза на вакцина против ковид-19 и успеа да се пошегува за сметка на бројните теории на заговор.

– За жал, вакцината не ја всади генијалноста на татко ми во мојот мозок – само кога мРНА би ја имала таа моќ – напиша Џенифер на Инстаграм.

Нејзиниот татко се фокусираше во рамките на неговата фондација Бил и Мелинда Гејтс за подобрување на технологијата за развој на вакцини и долго време предупредуваше на можноста за вирусна пандемија, многу пред ковидот да се прошири низ целиот свет. Затоа Бил Гејтс стана централна фигура во теориите на заговор против вакцините.

Освен што се пошегува со нејзиниот татко, Џенифер (24), студентка по медицина, објави и фотографија на која има маска и стикер на кој пишува дека ја примила вакцината.

– Јас сум повеќе од привилегирана да ја примам мојата прва доза мРНА за да ги научам моите клетки да додадат заштитен имунолошки одговор на вирусот. Како студентка по медицина, која сака да стане лекар, благодарна сум што тоа ќе ми обезбеди заштита и сигурност за идната пракса. Ги охрабрувам сите да прочитаат повеќе и да го земат предвид тоа (вакцинација) за себе и за своите семејства кога ќе им се даде можност. Колку повеќе луѓе се имунизираат, нашите заедници ќе бидат побезбедни за сите – рече Џенифер.

Таа исто така им се заблагодари на сите што овозможија да се добие вакцината, објави „Си-ен-ен“.