Мешан научноистражувачки тим од кинески и американски експерти анализираше податоци од 85 лица што починале од ковид-19 во раната фаза на епидемијата во Вухан. Се дојде до заклучок дека повеќето од нив имале меѓусебни сличности

Истражување

Истражувачки тим, составен од осум кинески и американски експерти, направи анализа на податоците што им припаѓале на 85 пациенти со тешка форма на ковид-19. Лицата починале поради престанок на работа на неколку органи, кратко време откако биле хоспитализирани. Тие биле сместувани во болница во периодот од 9 јануари до 15 февруари годинава. Студијата покажа дека имаат неколку заеднички карактеристики, односно заеднички именител што беше објавен, но и елабориран од страна на авторите на студијата во рамките на списанието „Американски журнал за респираторна медицина и интензивна нега“.

Заеднички именител бр. 1: Мажи во поодминати години

Научниците имаа пристап до комплетната медицинска документација на починатите пациенти, така што можеа да проверат дали евентуално имале некакво хронично заболување или, пак, друг зголемен фактор на ризик. Наедно, беа во можност да утврдат какви симптоми имале починатите откако се заразиле со ковид-19, но и да ги разгледаат наодите од лабораториските тестови и скенирањата, како и видот на терапијата што им била аплицирана за време на нивниот престој во болницата. Сознанијата до кои дојдоа беа дека 72,9 проценти од починатите се мажи на просечна возраст од 65,8 години, кои имале хронична болест, какви што се срцевите заболувања или дијабетесот.
– Се надеваме дека оваа студија ќе ги предупреди оние што досега не ја сфаќаа сериозноста на ковид-19. Исто така, истакнуваме дека во најризичната група спаѓаат мажите постари од 50 години што имаат хроничен коморбидитет, вклучувајќи хипертензија, кардиоваскуларни болести или дијабетес – порачаа авторите на студијата, додавајќи дека кај починатите пациенти најчести симптоми биле треска, отежнато дишење и премаленост.

Заеднички именител бр. 2: Ниско ниво на еден вид бели крвни клетки

Истовремено, експертите открија дека дури 81,2 отсто од починатите што беа предмет на истражувањето поседувале многу ниско ниво на еозинофил (еден вид бели крвни клетки што имаат важна улога во борбата против инфекции) во моментот кога биле хоспитализирани. Во спектарот на компликации што се појавиле за време на нивниот престој во болницата, најчесто се споменуваат белодробна блокада, шок, акутен респираторен дистресен синдром, срцева аритмија или неправилен пулс.

Заеднички именител бр. 3: Промашена терапија

Како дел од терапијата, на повеќето од починатите им се давале антибиотици, антивирусни лекови, глукокортикоиди, а некои од нив интравенски примиле и имуноглобулини (познати и како антитела) или интерферон алфа-2б, кој е исто така стимулатор за имунолошки одговор. Сепак, се чини дека ниеден од овие лекови немал некој особено позитивен ефект.
– Можеби нашето најважно откритие се однесува на следново: иако респираторните симптоми се појавувале главно дури по една недела од почетокот на болеста, штом ќе се појавеле, доаѓало до нагло влошување на состојбата. На тоа укажува и краткиот временски период од денот на хоспитализацијата до денот на смртта (во просек 6,35 дена) – објавија авторите на студијата.
Истовремено, експертите истакнаа дека абнормално ниското ниво на еозинофил – состојба што се нарекува еозинофилопенија – би можело да биде поврзано со зголемен ризик за смртоносен исход кај заболените од ковид-19.

Заеднички именител бр. 4: Улогата на генетиката силен фактор за преживување

Научниците нагласија дека анализирале податоци само од пациенти во раната фаза на пандемијата во Вухан, но потоа болеста се рашири низ целиот свет, па, така, анализата на починатите во други области би можела да даде исти или можеби и сосема различни информации.
Во начинот на кој нашето тело реагира на инфекцијата, одредена улога може да има и генетиката, но, секако, треба да се има предвид дека текот на пандемијата е променлив и зависи од тоа како и колку вирусот мутира.