Пекинг ја користи епидемијата за да ја подобри репутацијата за светска соработка, додека Вашингтон го посочува Пекинг како дежурен виновник

Автор: Колум Линч, Роби Грамер

Форин полиси

Во обид да ја подобри репутацијата на светско ниво, Кина тврди дека целосно го спречила ширењето на коронавирусот во најтешко погодените области и вети помош вредна 20 милиони долари за Светската здравствена организација (СЗО) за подобрување на јавните здравствени системи во сиромашните земји, како што се вели во писмото на кинескиот амбасадор во ООН до членките на оваа организација.

Пораката, која беше испратена додека САД и Европа се борат со големиот број на случаи на болеста, истакнува како Пекинг се обидува да се ребрендира како меѓународен лидер во светската борба против вирусот, што најверојатно потекна од негова територија и кого вчера СЗО официјално го прогласи за пандемија.

Писмото, до кое дојде „Форин полиси“, делува срочено за да се побијат силните критики од страна на САД и други земји околу првичниот начин на справување со епидемијата, поради кој болеста почна многу брзо се шири. Џанг Џун, кинескиот амбасадор во ООН, во писмото до претставниците на останатите 192 членки на организацијата се пофали дека „ширењето на епидемијата било ограничено во Хубеј и Вухан и веќе биле подготвени да ја зајакнат солидарноста со останатите од меѓународната заедница во заедничката борба против епидемијата“.

Трката на медицинските лица за спречување на ширењето на смртоносниот вирус се одвива во позадина на дипломатско ривалство на големите сили како што се САД и Кина, кои подеднакво сакаат да го искористат хаосот за да го оправдаат своето право на наметнување на влијание во светот.

Во моментов, разликата меѓу нивните пристапи силно се забележува. Фокусот на Кина на меѓународната соработка силно се разликува од оној на Белата куќа, која главно ја искористи кризата за да ја префрли вината кај Пекинг и насочи најголем дел од својата моќ во домашните мерки за заштита од вирусот. Покрај тоа, Белата куќа ја затвори својата служба за подготвеност за пандемија пред две години и неодамна предложи значителни намалувања на американската финансиска поддршка за СЗО. Минатиот месец, Белата куќа побара одобрување на 2,5 милијарди долари, вклучувајќи и 1,25 милијарди долари во нови пари, за борбата против коронавирусот, во која не беа опфатени средства за здравствената организација во Женева или други меѓународни програми чија цел е координирање на меѓународниот одговор. Во прес-конференциите оваа недела, шефот на работната група на Трамп за борба против коронавирусот, потпретседателот Мајк Пенс, и неговиот тим, не зборуваа многу за потребата за соработка со земјите партнери и меѓународни институции.

За претставниците од администрацијата на Трамп, слабиот и притаен првичен одговор на Кина на епидемијата исто така се вклопува во наративот кој со години го наметнуваа, односно дека на Кина не може да и се верува како светски лидер, во однос на лидерството во меѓународните институции, изградбата на 5Г телекомуникациската мрежа во Европа на кинескиот технолошки гигант Хуавеј, како и за помошта и инвестициите во земјите во развој. Повикувајќи се на неговата доктрина „Америка на прво место“, самиот Трамп дури и на почетокот од епидемијата посочи дека можеби добро е за САД ако Американците не патуваат во странство.

– Ќе ги натераме Американците да останат дома, наместо да патуваат и да ги трошат парите во други земји. Можеби токму ова е една од причините зошто вработеноста бележи добри бројки – порача тој минатиот петок.

– За жал наместо да се применат најдобрите тактики, епидемијата во Вухан беше прикриена. Веројатно му одзеде два месеци на светот за да се даде соодветен одговор – изјави вчера Роберт О’Брајан, советник на Трамп за национална безбедност, во конзервативниот експертски центар „Фондација херитиџ“.

Државниот секретар Мајк Помпео го нарече вирусот „вухански вирус“ што ги разгневи кинеските власти и другите кои сметаат дека ваквото етикетирање поттикнува ксенофобија, а исто така критикуваше дека „било неверојатно тешко да се соработува со Кинеската комунистичка партија“ за да се добијат точни информации за епидемијата.

Во меѓувреме, кинеската иницијатива во ООН се чини дека е подготвена да ја подобри сликата на кинескиот претседател Си Џинпинг кој се соочи со меѓународни критики затоа што не дал соодветен одговор на почетокот од избивањето на епидемијата, кога владините служби активно сакаа да се прикријат информациите за новиот вирус и ги казнуваше докторите и медицинските сестри кои алармираа за сериозноста (Централната служба за пропаганда на Кина, дури наводно работи на издавање книга во која се фалат лидерските способности на Си во одговорот на коронавирусот).

– САД и Кина подеднакво сакаат да ја искористат кризата во своја корист – вели Кристин Ли, експертка за Азија-Пацифик во експертскиот Центар за нова американска безбедност.

Спротивните наративи на Пекинг и Вашингтон го зголемија притисокот врз СЗО, водечкото меѓународно тело чија задача е координирање на светскиот одговор на коронавирусот. На крајот на краиштата, некои експерти стравуваат дека постојаните препирања меѓу Пекинг и Вашингтон околу коронавирусот може да го нарушат работењето на меѓународните институции кои беа формирани за борба против епидемии од ваков размер.

– Не само САД и Кина, туку и сите влади треба се покажат подобро и да не се обидат да го искористат ова за меѓусебно обвинување, но да најдат начини за соработка и помош. За жал не изгледа дека нештата се движат во таа насока – изјави Ханг Тран, поранешен висок претставник од ММФ и соработник во Атлантскиот совет.

Превод: Билјана Здравковска