Деведесетгодишната Британка Маргарет Кинан е првата личност во светот што ја прими вакцината против коронавирус на 8 декември минатата годинна. Тоа беше зрак светлина за човештвото на крајот на разорната пандемиска година.

Шест месеци подоцна, светот дојде до бројка од милијарда дадени дози. Кампањата за вакцинација е без преседан, и покрај ретките несакани ефекти, логистичките проблеми и нееднаквостите меѓу богатите и сиромашните, е единствениот глобален излез од пандемијата, пишува „Хина“.

Стравувајќи дека новите варијанти на коронавирусот можат да ја намалат ефикасноста на вакцината, светот е во трка да вакцинира што повеќе луѓе пред да биде презаситен од нов бран на болеста што веќе уби три милиони луѓе ширум светот.

– Под нормални околности, потребни се пет до десет години за да се создаде нова вакцина – рече во февруари претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен.

„Ние го сторивме тоа за десет месеци. Тоа е огромен научен успех“, додаде таа.

За да се надмине скептицизмот во јавноста за вакцините, светските лидери, како што се американскиот претседател Џо Бајден, британската кралица Елизабета Втора и папата Франциск, ја примија вакцината, а некои од нив пред камера.

Сепак, распределбата на вакцините останува проблем. Во богатите земји, каде што живее само 16 проценти од светската популација, досега се искористени приближно половина од произведените дози. Во исто време, 29-те најсиромашни земји во светот добија само 0,1 процент од дозите.