Изолацијата поради пандемијата на коронавирусот претставува плодна почва за измамниците на апликациите за виртуелно запознавање, а стресот предизвикан од целата состојба ги прави жртвите уште повеќе лековерни и ранливи

Кетфишингот, форма на измама кога личноста создава лажен идентитет на интернет и се претставува дека е некој друг, можеби не е толку честа појава како што се прикажува тоа во криминалните филмови, но претставува сериозен проблем, бидејќи луѓето може да ги доведе до нездрави, несакани, па дури и сериозни ситуации.

Короната ги прикрива и измамниците

Во нормално време, без изолации или карантин, измамите како што е кетфишингот веројатно не би можеле да одат далеку. Лагите пласирани преку виртуелната комуникација, како на пример за изгледот, за возраста, за работата, социјалниот статус, како и други важни детали од животот на измамникот брзо ќе излезат на виделина. Имено, многу брзо би дошол моментот за запознавање очи во очи со личноста од другата страна на екранот. Неизбежното прашање „кога ќе се запознаеме“ дури и некој потенцијален измамник може да го оддалечи од намерата за лажно претставување на интернет.
Но работите се малку посложени сега, кога запознавањето, како и состанокот во живо, е одложено за подобри времиња. Во виртуелните состаноци, при разговорите, кај жртвата е сведено на минимум, а во повеќе случаи дури и не предизвикува никаков сомнеж. Виновникот за тоа е коронавирусот. Анкетите меѓу повеќе граѓани што првпат контактирале со соговорник откриваат интересни моменти за т.н. кетфишинг-измама.

Што велат психолозите за поврзаноста на кетфишингот со коронавирусот

Во ваква варијанта на животот, во која изолираноста, карантинот и физичката дистанца се задолжителни, ако се држите до правилата на физичкото дистанцирање како што треба, сигурно веќе еден месец не ви дошло на памет да го поставите прашањето за состанок, а којзнае и кога ќе ви падне, што на измамникот му дава простор да измислува каква сака верзија за себе. Граница е само неговата фантазија.
– Сето она што инаку кетфишингот го прави можно, веројатно сега, во период на карантин, е уште понагласено. Клучната состојка на кетфишингот е луѓето да веруваат во она во кое сакаат да веруваат – објаснува психологот д-р Маргарет Сајде.
Пред пандемијата, измамниците од тој вид можеше веднаш да бидат обесхрабрени лажно да се претставуваат поради стравот да не бидат фатени.
– Пред епидемијата на ковид-19, повеќе двојки беа поврзан онлајн, со очекување дека наскоро ќе се сретнат во реалноста, така што сите беа подготвени на т.н. ријалити чек, или проверка на вистината за она што го кажале онлајн – објаснува д-р Сајде, додавајќи дека со мерките на физичка дистанца, кои се во сила, состаноците во живо се отежнати за спроведување, а притоа не ги поттикнуваат ниту здравствените експерти. Тоа значи дека кетфишерите можат со месеци да лажат за својот идентитет, без некаков страв од последиците.

Психолозите сметаат дека е многу важно луѓето што се запознаваат онлајн да бидат свесни дека вознемиреноста, досадата, осаменоста или стресот предизвикани од изолацијата создаваат хиперемоционална атмосфера, а тоа ги прави ранливи и подложни на измами. Токму на тоа живеат кетфишерите. Колку луѓето се чувствуваат понесигурно, толку се поранливи. Целиот тој копнеж и желба што се развиваат кај нив во текот на изолацијата ги прават луѓето поподготвени да им веруваат на измамниците, кои се претставуваат како остварување на нивните соништа.
Психолозите откриваат дека е многу разбирливо зошто „самците се повеќе од вообичаено подложни да им простат на измамниците, бидејќи немаат ништо друго што би им го одвлекло вниманието од приказната во која веќе потонале“. Затоа психолозите истакнуваат дека многу луѓе во овој период ќе завршат „многу разочарано и со скршени срца“.

Прошка за измамниците кетфишери?!

– Можеби со таквиот измамник се допишувате со месеци и врската е навистина воспоставена, почнувате да негувате подлабоки чувства кон него. Но тогаш кога ќе го запознаете и ќе сфатите дека ништо не е вистина од она што го кажал, тоа ќе боли силно и ќе претставува голем шок. За да ја намалат таа болка, многумина ќе наоѓаат оправдување за кетфишерите, нешто што сигурно не би го правеле пред пандемијата.
За да ги избегнете нападите од кетфишер“ врските што сте ги развиле онлајн да не станат извор на болка, д-р Сајде предлага за нив да разговарате со други луѓе.

Имено, да се разговара со свои блиски, во кругот на семејството, блиските пријатели, па и да се побара стручен совет од психолог или специјализирана институција, додека не биде доцна. Анкетите потврдуваат дека нанесената емоционална болка е најчеста, но познати се во пакет и финансиските измами и откривањето на личните податоци.
Затоа, психолозите предупредуваат на потенцијалната опасност од измамата наречена кетфишинг, која корона-кризата ја нагласи и ја засили.