Имајќи ги предвид стотиците милиони луѓе што деновиве се изолираат насекаде низ светот, новата пандемија на коронавирусот прерасна во вистински глобален настан. И додека на нејзините геополитички импликации би требало да се гледа како на секундарни во споредба со здравјето и безбедноста, сепак, гледано на подолг рок, тие би можеле да резултираат со промена на глобалната конфигурација и сфери на влијание на светските сили

Како гледа „Форин аферс“ на преобразбата на светскиот поредок во светлината на ковид-19

Светскиот поредок секогаш се менува постепено на почетокот, но потоа сето тоа оди секавично брзо. Статусот на светски лидер во изминативе седум декади, САД го изградија не само врз база на своето богатство и моќ, туку и поради силното домашно управување, обезбедувањето глобални јавни добра, како и способноста за координирање и справување со глобалните кризи. Пандемијата на коронавирусот претставува тест за сиве овие клучни елементи на американското лидерство. Според досегашните резултати, очигледно е дека засега Вашингтон сериозно потфрлува на испитот. Освен на екстремно ограничените поддржувачи на американските власти, на сите други веќе им е јасно дека Вашингтон „утна“ во својата првична реакција.

Грешките на клучните институции, како Белата куќа, Одделот за внатрешна безбедност и центрите за контрола и превенција на болести, резултираа со граѓанска недоверба во способноста на американската влада. Изјавите на претседателот Трамп во голема мерка придонесоа за сеопшта конфузија и неизвесност. Јавниот и приватниот сектор се покажаа неподготвени за производство и дистрибуција на неопходните алатки за тестирање и соодветна реакција, додека на меѓународно ниво, пандемијата само го засили инстинктот на претседателот да настапува самостојно, откривајќи ја на тој начин неспособноста на Вашингтон да се наметне како координиран водач на глобалната борба против вирусната закана.

Кина игра пресинг за глобален лидер

Додека САД се премислуваат, Пекинг експресно ги користи нивните грешки за да добие предност во намерата да го пополни испразнетото место на компетентен глобален лидер во борбата со пандемијата, промовирајќи се себеси со испраќање помош на други земји, па дури и организирајќи ги мерките на странските влади. Дури кинескиот лидер Си Џинпинг, кој беше невообичаено тивок во текот на првите неколку недели, почна активно да се става себеси во центарот на случувањата. Пред неколку дена тој и лично го посети градот Вухан. Сега Пекинг работи на тоа овие рани знаци на успех да ги претвори во огромно постигнување пред очите на светот. Имено, целта е Кина да се промовира како суштински играч во најавеното глобално закрепнување и притоа да се забошоти нејзиното претходно лошо менаџирање со кризата. Најважен дел од овој наратив е наводниот голем успех на Пекинг во борбата против опасниот вирус. Постојаните пропагандни статии, твитови и јавни пораки на сите можни јазици имаат задача да ги рекламираат кинеската ефикасност и значајните постигнувања во однос на водењето на земјата.

Овие кинески фалби се „потпомогнати“ од неефикасното справување со вирусот во западниот свет, особено во САД – очигледен е неуспехот на Вашингтон да произведе доволен број комплети за тестирање, што тоа значи дека Американците имаат тестирано релативно мал број луѓе. Тука е, за жал, и неефикасното однесување на администрацијата на Трамп во однос на брзите реакции за справување со пандемијата. Како резултат на ваквата состојба, Пекинг многу вешто ја користи американската несмасност; кинеските државни медиуми и дипломатскиот кор редовно ја потсетуваат светската јавност за сопствената супериорност, критикувајќи ги притоа „неодговорноста и неспособноста на т.н. политичка елита во Вашингтон“, како што напиша во својата статија уредникот на државната новинска агенција Синхуа.

Снабдувањето на земјите со глобални стоки и производи ќе го промовира идниот светски лидер

Си Џинпинг знае дека обезбедувањето глобални стоки и производи може да го поткрепи реномето на една земја со растечка моќ и потенцијал за лидерство. Последниве неколку години тој врши притисок врз администрацијата на надворешната политика да се сврти повеќе кон „глобално владеење“, а коронавирусот нуди убава можност ваквата намера да се спроведе во практика. Имено, на почетокот на кризата, Кина произведе и набави (дополнително, доби и во вид на помош) огромни количества заштитни маски, респиратори, вентилатори и лекови. Сега таа е во позиција да им ги нуди како помош на другите земји што се погодени од ширењето на заразата. Откако ниедна европска држава не одговори на итната молба на Италија за медицинска опрема и заштитни средства, Кина јавно се обврза да ѝ испрати 1.000 вентилатори, 2 милиони маски, 100.000 респиратори, 20.000 заштитна облека и 50.000 комплети за тестирање.

Дополнително, Кинезите испратија медицински тимови и 250.000 маски за Иран, како и резервни материјали за Србија, чиј претседател ја нарече европската солидарност „приказна за мали деца“, изјавувајќи дека „единствената земја што може да ни помогне е Кина“. Истовремено, основачот на компанијата „Алибаба“, Џек Ма, даде ветување дека ќе испрати големо количество комплети за тестирање и заштитни маски во САД, како и 20.000 комплети за тестирање и 100.000 маски во секоја од 54-те африкански држави. Важноста на материјалната помош испратена од страна на Пекинг добива на тежина најмногу поради фактот дека повеќето од неопходните средства за борба против коронавирусот се произведуваат токму во Кина.

Таа уште од порано беше позната како водечки производител на хируршки маски, но во текот на овој значаен период нејзиното производство на маски се зголеми за повеќе од десет пати, со што стана главен дистрибутер на овие заштитни средства низ светот. Исто така, Кина произведува речиси половина од вкупното количество маски Н-95, кои се неопходни за заштита на здравствените работници, јакнејќи ја на тој начин својата надворешна политика во однос на потребата од медицинска опрема. Во меѓувреме, во Кина се врши производство на мнозинството активни фармацевтски состојки на антибиотиците, кои, пак, имаат клучна улога во справувањето со секундарните инфекции предизвикани од ковид-19.

Од друга страна, САД немаат доволно материјали и резерви ниту за сопствените потреби, а камоли да ги задоволат потребите на другите држави што се во криза. Се верува дека државните резерви на неопходни медицински резерви располагаат со само 1 процент од маските и респираторите и можеби околу 10 проценти од вентилаторите што се потребни за справување со пандемијата. Остатокот ќе треба да се увезе од Кина или да биде брзо обезбеден по пат на зголемено домашно производство. Уделот на Кина на американскиот пазар на антибиотици изнесува повеќе од 95 отсто, а повеќето од состојките САД не може да ги произведува на домашен терен. Во таквиот контекст, Кина вложува голем напор да ги изрекламира добро сопствените иницијативи. Речиси сите насловни страници на кинеските весници и гласила ја промовираат активноста на државата за помош на другите земји, која се состои од испраќање материјални добра и информации, не заборавајќи притоа да ја истакнат и супериорноста во пристапот на Пекинг.

Глобалното лидерство – вечен предизвик и борба на светските сили

Имајќи ја предвид заканата од коронавирусот на светско ниво, најголемата предност на Кина во нејзиниот „лов“ на глобално лидерство се очигледната недораснатост и неспособност на американската внатрешна и надворешна политика. Според тоа, конечниот успех на Кина ќе зависи не само од она што се случува во Пекинг туку и од она што се случува во Вашингтон. Додека трае кризата, САД сѐ уште можат да ја свртат ситуацијата во своја корист, но само доколку докажат дека се способни да го сторат она што се очекува од еден светски лидер – справување со домашните проблеми, снабдување со глобални јавни добра и координирање на глобалната реакција на кризата. Првата од овие задачи – запирање на заразата и заштита на ранливата популација – наедно е и најитна. Освен победата на домашен терен, таа има и геополитичко значење.

Сепак, реално гледано, дури и во најдобар случај, ќе биде потребен одреден период пред таа да биде подготвена и одобрена за широка употреба. Но, покрај ставањето акцент на домашниот фокус, Вашингтон не може да ја игнорира потребата од координиран глобален одговор. Само силно лидерство може да ги реши проблемите поврзани со патните ограничувања, размената на информации и протокот на материјални добра од животно значење. САД со декади беа успешен глобален лидер, па мора да остане така и во иднина,, истакнуваат авторите во магазинот „Форин аферс“.

Сепак, во состојба на глобална војна и заеднички непријател, заедничката соработка е единствено решение

Да се остане лидер ќе значи и ефикасна соработка со Кина, наместо постојано расправање за тоа чија реакција на кризата била подобра. Кога кинеските власти повторно ќе ја обвинат американската војска за ширење на новиот вирус, Вашингтон треба да одговори соодветно, но и да му се спротивстави на искушението да ја смести Кина во центарот на своите изјави во врска со пандемијата. Всушност, Пекинг и Вашингтон можат да направат многу за доброто на светот ако дејствуваат заедно. Тука спаѓаат координацијата на медицинските истражувања за пронаоѓање вакцина и нејзиното клиничко тестирање, размената на информации, соработката во однос на индустриската мобилизација, нудењето заедничка помош на другите држави во светот и уште многу други активности.

Конечно, коронавирусот може да послужи дури и како сигнал за будење и стимулација за решавање на преостанатите глобални предизвици, за кои е потребна американско-кинеска соработка, како на пример климатските промени. Таквиот чекор остатокот од светот не би требало да го смета за отстапка во корист на Кина, туку, напротив, тој би одел во прилог на враќање на довербата во идното американско лидерство. Во тековнава криза, впрочем како и во актуелната геополитика, генерално важи правилото дека САД можат да напредуваат само ако им помогнат и на другите земји во нивниот напредок.