Трошоците на животот во септември 2024 година, во однос на септември лани, бележат зголемување од 2,6%, а цените на мало од 3,3 %, соопшти Државниот завод за статистика.
Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во септември 2024 година, во однос на август 2024
година, изнесува 0,3 %.
Зголемувањето на инфлацијата во септември 2024 година, е резултат на растот на трошоците на животот во групите: храна и безалкохолни пијалаци за 1,7 %, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 1,1 %, комуникации за 0,9 %, разновидни стоки и услуги за 0,5 %, образование за 0,3 % и здравје за 0,1 %.
Во септември годинава, во однос на август, намалување на трошоците на животот е забележано во групите: транспорт за 5,3 %, рекреација и култура за 1,8 %, ресторани и хотели за 0,4 %, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици, домување, вода, електрика, гас и други горива за 0,2 %. Трошоците на животот во групата облека и обувки остануваат на исто ниво како и во претходниот месец.
Индексот на цените на мало во септември 2024 година во однос на август 2024 година изнесува 99,3.