Фото: Левица

Еколошките здруженија Здрава котлина – Струмица и Еко долина – Ново Село за денеска во 11 часот во Струмица најавија протест против отворање на рудник во Иловица и преку кој ќе побараат одземање на споената концесија за рудникот. Присуство на протестот најави и министерката за животна средина Каја Шукова, која изјави дека е против отворање на нови рудници. Концесионерот „Еуромакс рисурсис“, пак, оцени дека изјавата на министерката се прејудицира дека таа може да одлучува субјективно и пристрасно кога, како што најавија, „ќе достават дополнување на Елаборатот за влијание врз животната средина до Министерството за животна средина и просторно планирање која ќе ги демантира сите манипулации за наводната штетност на рудникот по здравјето и животната средина“.

-Рудникот на смртта Иловица-Штука е зло кое мора да биде запрено и тука сите сме на јасно освен оние што имаат намера да профитираат врз маката на сите жители во југоисточна Македонија -се вели во повикот од Здрава котлина и Еко долина, кои вчера информираа дека за еден ден добиле поддршка од 41 граѓанска организација и седум интелектуалци/професори.

– Заради заштита на јавниот интерес, здравјето на луѓето и животната средина, бараме: Итно и неодложно одземање на криминално споената концесија за рудникот Иловица-Штука, поради прекршување на Законот за минерални суровини во однос на условите за добивање концесија и за спојување на концесии. Разрешување на претседателите на Управен суд и на Виш управен суд, поради тендециозна погрешна примена на законите и постапките, како и поради носење дијаметрално различни пресуди во зависност од моментот. Одговорност од сите одговорни лица од Владата и од надлежните министерства што биле вклучени во овој нелегален процес на спојување на концесиите. Државната комисија за спречување корупција да поведе постапка за испитување на делувањата и релациите помеѓу сите вклучени одговорни лица, од аспект на тргување со моќ и политичко влијание, инсајдерско тргување, злоупотреба на службена положба и овластување, како и здружување и заговор помеѓу политичко-економски структури со извршната и со судската власт за потенцијално огромно оштетување на буџетот на државата – наведоа во соопштение организаторите.

Министерката за животна средина, Каја Шукова вчера информираше дека денеска ќе биде присутна на протестот со цел, како што рече, да ги слушне граѓаните.

-Кога зборуваме за овој процес, јас ќе се придружам, ќе бидам утре во Струмица. Сакам да ги слушнам граѓаните. Сакаме да бидеме дел од овој процес. Владата во координација и со премиерот и со другите министри ние повторно ќе ја разгледаме одлуката за спојување на двете концесии иако, повторно ќе кажам, дека тоа во принцип не значи зголемување на концесискиот обем, само значи административно спојување на две концесии. Мислам дека ние сме мала држава, мислам дека земјоделието навистина треба да ни биде приоритет и треба да бидеме многу внимателни кога даваме дозволи за експлоатација на индустрија, на тешко загадувачка индустрија – порача министерката.

Таа истакна дека е против нови рудници во државата. Смета дека тој е земјоделски крај каде што треба да се развива земјоделието и оти изминатиот период Владата целосно била фокусирана на развојот на земјоделството и дека тоа треба да остане приоритет и во иднина.

-Точно е дека Владата донесе одлука за спојување на концесиите. Тие веќе беа две издадени концесии и со ова спојување немаше проширување на концесискиот обем.Јас сметам дека особено тој е земјоделски крај каде што треба да се развива земјоделието. Државата тоа интензивно го прави и во изминатите години и ги поддржува земјоделците. Знаете сите дека имаме сто отсто успешна спроведена ИПАРД помош во државата и веќе почнуваме со третиот циклус. Мислам дека тоа треба да ни биде приоритет. Тоа е мојот личен став – изјави Шукова.

На изјавата на Шукова реагираше Друштвото за производство, промет и услуги „Еуромакс Рисорсис“ ДОО Скопје, концесионер за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато на локалитетот „Иловица“, општина Босилово и општина Ново Село.

-Изразуваме загриженост што процесот на реализација на најголемата инвестиција од независноста на државата повторно се внесува во контекстот на дневно-политичката агенда. Освен што изминатите денови се зголеми интензитетот на пласман на манипулативни и лажни вести, се создава впечаток дека противниците на рудникот не се свесни за евентуалните правно-финансиски последици од непостапувањето согласно позитивните законски прописи. Апелираме до носителите на државни функции да се воздржуваат од изнесување на лични ставови. Облигациониот однос меѓу „Еуромакс Ресоурсис“ и Владата е државна работа која произлегува од правно валидни акти потврдени со одлуки на Суд, а не приватен и личен однос меѓу случајни познаници. Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова има обврска да биде свесна на евентуалните правни последици од денешната нејзина изјава со која изрази личен став дека генерално е против рудници – се вели во реакцијата од компанијата објавена на Фејсбук.

Тоа, се дополнува во реакцијата, прејудицира дека истата може да одлучува субјективно и пристрасно кога „Еуромакс Ресорсис“ ќе го достави дополнувањето на Елаборатот за влијание врз животната средина до МЖСПП, студија која всушност ќе ги демантира сите манипулации за наводната штетност на рудникот по здравјето и животната средина.

-Истовремено, најавата за повторно преиспитување на веќе донесената одлука на Владата, патем чиј министер е и таа, за спојување на концесиите чиј носител е „Еуромакс Ресорсис“, е доказ за креирање на амбиент на правна несигурност. Жалиме што ваквите политички ставови потсетуваат на предизборниот период во 2020 кога и некои други министри изјавуваа дека нема да ги почитуваат тогашните одлуки на Управниот и Вишиот управен суд кои правосилно го поништија Решението на Државната комисија за одлучување во управна постапка кое се однесуваше на барањето за дозвола за експлоатација. Мора да напоменеме дека вака срочените изјави и ставови се потенцијален доказ против државата во евентуална постапка пред Меѓународна Арбитража. Директно го загрозуваат меѓународниот имиџ на државата, која како полноправна членка на НАТО и држава која претендира да стане полноправен член на ЕУ, меѓу другото има и обврска да обезбеди правна сигурност и ефикасност во спроведувањето на законите за домашните, но и за странските инвеститори – пишува во реакцијата од компанијата.

Министерство за економија на 5 јули соопшти дека Владата нема да дозволи отворање рудник во Иловица без претходна консултација и одобрение од локалното население. Во допис до медиумите ја појаснија Одлуката, донесена на седница на Владата од 27 јуни, за спојување на концесијата за експлоатација на минерална суровина – руди на бакар и злато во село Иловица, општина Босилово, со концесијата за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато на локалитетот „Иловица“, општина Босилово и општина Ново Село, доделени на Друштвото за производство, промет и услуги ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје. Потенцираа дека станува збор за административна постапка со која само технички се спојува просторот на веќе доделените концесии.

-Основ за донесување на оваа одлука е Пресудата на Управниот суд од 30 март 2023 година, со која се уважува тужбеното барање на тужителот ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје и оспорената Одлука на Владата на Република Северна Македонија за едностран раскин на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина- руди на бакар и злато на локалитетот „с.Иловица“, општина Босилово, донесена на 16 декември 2019 година. Истата се поништува и предметот се враќа кај тужените – Владата на РСМ и Министерството за економија на повторно разгледување и одлучување.Со Пресудата, како тужена страна, Владата и Министерството за економија се задолжени да постапат и да го применат правнoтo сфаќање и дадените забелешки на Управниот суд. Против оваа пресуда не беше дозволена жалба, а согласно Законот за управните спорови – наведува Министерството за економија.