Фото: Принтскрин

Спасувачите кои трагаат по подморницата која исчезна во Северниот Атлантски Океан ги пренасочуваат ресурсите и ја фокусираат својата потрага во областа каде што се откриени подводни звуци, изјави претставник на американската крајбрежна стража.

Иако капетанот Џејми Фредерик во средата изјави дека властите сè уште не знаат какви би можеле да бидат звуците, тој нагласи дека сè уште постои надеж за спасување на петте луѓе на подморницата, која ги истражуваше остатоците од Титаник пред да го изгуби контактот со брод што ја следел.

– Кога сте среде операција за пребарување и спасување, секогаш имате надеж. Затоа го правиме она што го правиме – им рече Фредерик на новинарите.

Тој рече дека канадскиот авион првпат ги детектирал звуците во вторникот, а тие се слушнале во средата.

Фредерик рекол дека операциите на далечински управувани бродови биле преместени „во обид да се истражи потеклото на звуците“, додавајќи дека екипажите „ја пребаруваат областа каде што биле откриени звуците и ќе продолжат да го прават тоа“.

Карл Хартсфилд, експерт од океанографската институција Вудс Хол, кој е вклучен во потрагата, рекол дека подморските звуци се опишани како „звуци на удирање“ и научниците се обидуваат да откријат што се тие.

– Океанот е очигледно многу сложено место – човечки звуци, звуци на природата, многу е тешко понекогаш да се препознае изворот на тие звуци – рекол Хартсфилд.

– Но, можам да ви кажам дека овој тим има повеќе сензори. Тие се во областа. Тие брзо испраќаат податоци до најдобрите луѓе во светот за да ги анализираат тие податоци – додава Хартсфилд.

Подморницата, наречена „Титан“, е управувана од американската компанија „Ocean Gate Expeditions“.

Експедицијата чини 250.000 долари по лице. Нивното патување започнало од Св. Џон во канадската провинција Њуфаундленд, а потоа се упатил кон потонатиот брод Титаник стотици километри на исток, пренесува веб-страницата на компанијата.

Кога бродот на површината ќе стигне до местото каде што е Титаник, во зависност од временските услови, подморницата тргнува кон потонатиот брод, на патување кое обично трае околу 10 часа.

Патниците на исчезнатиот брод се: пакистанско-британскиот бизнисмен Шахзада Давуд и неговиот 19-годишен син Сулеман; Британскиот милијардер Хамиш Хардинг; Пол-Анри Гаржеолет, 77-годишен француски истражувач; и Стоктон Раш, основач и извршен директор на „Ocean Gate Expeditions“ со седиште во САД.

Во вторникот околу 19 часот, Фредерик рекол дека во подморницата имало околу 40 часа кислород.

Фредерик во средата рече дека се верува дека екипажот на подморницата има „ограничени резерви“ на храна и вода.

Тој ја нагласи тешкотијата на потрагата во толку огромен дел од океанот, велејќи дека единствената команда што ја надгледува операцијата распоредува дополнителни ресурси, вклучувајќи бродови, авиони и пловни објекти на далечина.

– Мораме да ги земеме предвид и временските услови кои постојано се менуваат, струите и морските услови кои ја прошируваат областа за пребарување секој час –  вели Фредерик.

– Постои огромна сложеност поврзана со овој случај поради локацијата што е далеку од брегот и координацијата помеѓу повеќе агенции и земји – додава тој.

Иако САД и Канада ја водат потрагата, Фредерик рече дека има „широк опсег на меѓународна помош“, вклучително и од Велика Британија и Франција.