Фото: Веб-страна на Косовска полиција

Еден полицаец е убиен, а друг ранет во раните утрински часови кога биле нападнати во селото Бањска кај Лепосавиќ, потврди косовскиот премиер Албин Курти. Лепосавиќ е најсеверната општина на Косово.

Курти на социјалната мрежа Фејсбук објави дека убиениот полицаец е припадник на редовната полиција, додека ранетиот е од граничната полиција на Косово и е надвор од животна опасност. Тој додаде дека се уште се слуша пукањето и дека станува збор за огнено оружје од различен калибар.

– Напаѓачите се професионалци кои носат маски и се тешко вооружени – напиша Курти на Фејсбук.

– Го осудуваме овој криминален и терористички напад. Организираниот криминал со политичка, финансиска и логистичка поддршка на официјален Белград ја напаѓа нашата држава. Во оваа борба го браниме и почитуваме законот, ги штитиме сите граѓани без разлика и независно Косово – напиша Курти.

Косовскиот премиер рече дека сторителите и нивните началници „ќе паднат, ќе бидат уапсени, кривично гонети и казнети.

– Владата на Република Косово и државните институции се подготвени и во координација да одговорат на злосторствата и криминалците, тероризмот и терористите. Косовската полиција го известила семејството на А.Б. за неговата смрт. Ранетиот полицаец е надвор од животна опасност. Нашето сочувство до семејството и сите за нашиот загинат полицаец. На ранетите им посакуваме брзо и целосно закрепнување“, рече Курти.

– Во текот на извршувањето на полициските задачи, во 02.34 часот во Северна Митровица, единицата за брза интервенција на граничната полиција забележала дека на влезот во село Бањска, на мостот се поставени две тешки товарни возила (без регистарски таблички), а блокиран е влезот на мостот – пренесе „РТС“ повикувајќи се на полициско соопштение.

Три единици, додаваат од полицијата, се упатиле во правец на локацијата. Веднаш штом пристигнале на локацијата на блокадата наишле на отпор, при што од некои позиции биле испукани истрели од различен арсенал огнено оружје, вклучително и рачни бомби и пиштоли, при што биле застрелани двајца полицајци“, се вели во соопштението.

Полициските единици, како што тврдат, реагирале во самоодбрана и успеале да го одбијат првичниот напад за да создадат услови за пружање помош и повлекување на погодените колеги.

– Повредените полицајци се извлечени од локацијата и пренесени во Регионалната болница во Јужна Митровица, каде лекарот констатирал смрт на едниот, додека другиот е повреден“, се вели во соопштението.

На терен по профили беа активирани сите надлежни полициски единици, кои повремено беа нападнати со огнено оружје од различни позиции, од организирани и вооружени групи, стои во соопштението.

– Косовската полиција во соработка и координација со надлежните институции и правосудни органи презема дејствија со цел одржување на редот и јавната безбедност, како и изведување на сторителите на нападите врз полициски службеници пред лицето на правдата –  соопштија од полицијата.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, ја прекина официјалната посета на Соединетите Американски Држави каде престојуваше во Њујорк и се враќа во Приштина поради утринскиот напад врз полицијата.

Таа на Фејсбук напиша дека убиството и ранувањето на полицајците биле „планирани и извршени од српски криминални банди“.

Таа посочи дека очекува меѓународните сојузници да го поддржат Косово во напорите за воспоставување ред и закон и заштита на суверенитетот во секој дел од оваа земја.

– Ги повикувам сите граѓани, институции и политички субјекти да останат обединети во овој момент кога Србија отворено го доведува во прашање територијалниот интегритет, безбедност и суверенитет на нашата Република. Како претседател на Републиката имам целосна доверба во нашите припадници и припадниците на косовската полиција“, напиша Османи на Фејсбук.