Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Претставките може да се праќаат електронски или преку бесплатната линија за потрошувачите (0800 3 22 22)

Присуство на контаминенти во производ или поточно црви во кикиритки, продажба на млечни производи, чоколади, салами и сувомесни производи со поминат рок на употреба, неправилно декларирање на производите се само дел од пријавите на граѓаните до инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), кои се покажале како оправдани. Од почетокот на годинава досега, во базата на податоци на Одделението за заштита на потрошувачите при АХВ евидентирани се вкупно 434 поднесени претставки. Од нив АХВ постапувала по 391.

Од Агенцијата велат дека како точни се покажале пријави за вработените без санитарни книшки, за вработените што немаат задолжителен здравствен преглед, т.е. добра хигиенска и добра производствена пракса, за продажба на производи со променети органолептички својства (променети вкус, мирис, боја), како и неправилно напишани декларации. Имало рекации за измама на потрошувачи кога купиле производи како говедски, а во составот имало и свинско и пилешко месо, за работа без одобрение. Граѓаните реагирале и за производите кои не се чувале на соодветна температура (млечни производи, стопени чоколади, крем банани), за сомнежи во безбедноста на производот, продажба на производи со поминат рок на употреба (храна за домашни миленици).

Од претставките поврзани со животни имало реакции за неодговорно сопствеништво-напад и каснување од бездомно куче, чување на кучиња без храна и вода и надвор на непогодни климатски услови, сомнеж во здравствената состојба на свињи.

– Заради заштита и остварување на правата и интересите, потрошувачите, граѓаните и правните лица до Агенцијата за храна и ветеринарство поднесуваат претставки и предлози. По оние за кои е надлежна, АХВ постапува, неоснованите се отфрлаат, а претставките за кои се надлежни други институции, се препраќаат до нив за постапување. До АХВ често се поднесуваат и претставки со кои граѓаните бараат објаснувања за влијанието на одредени прехранбени производи на човековото здравје, како и прашања дали одредени болести кај животните можат да се пренесат кај луѓето и да го загрозат нивното здравје и живот. Претставките кои се неосновани, или по кои АХВ не е надлежна да постапува, најчесто се праќаат од граѓани кои не се информирани за надлежноста и делокругот на работење на Агенцијата и на другите институции – објаснуваат од Агенцијата.

Претставките кои се упатени до АХВ, лично, електронски или преку бесплатната линија за потрошувачите (0800 3 22 22), а за чие постапување се надлежни други институции, АХВ задолжително ги препраќа до нив за на подносителите, да им се овозможи заштита и остварување на права и интереси, на јавните интереси утврдени со закон, или заради поведување на друга иницијатива од јавен интерес.

– Најголем број од поднесените претставки по кои е постапувано во 2022 година се од областа на ветеринарството (253 претставки се однесуваат на здравствената заштита и благосостојба на животните), 163 претставки се однесувале на храна од неживотинско потекло. На храна од животинско потекло се однесуваат 18 поднесени претставки.
До Одделението за државна инспекција за здравствена заштита и благосостојба на животните, од вкупно поднесените 253 претставки од областа на ветеринарството, 57 се со наводи за напад и каснување од куче, 87 се однесувале не неодговорно сопствеништво, а останатите биле со други наводи од областа на ветеринарството и здравствената заштита на животните – додаваат од АХВ. Н.Б.З.