Фото: Пиксабеј

Белата куќа синоќа ги повика сенаторите да се спогодат околу долгоочекуваната и витална помош за Украина и безбедна граница, по извештаите за тоа дека поранешниот претседател Доналд Трамп кој се бори за реизбор се обидел да спречи таква спогодба.

Дел од американските медиуми јавуваат дека Трамп преку спикерот на Претставничкиот дом ги повикал републиканците да не гласаат за договор и со тоа демократскиот претседател Џо Бајден да се лиши од политичка победа пред ноемвриските избори.

Само пред неколку денови се чинеше дека републиканците и демократите во Сенатот се пред договор за воена помош за Украина и борба со нелегалната имиграција на мексиканската граница.

Заменик портпаролот на Белата куќа Оливија Далтон синоќа во салонот на претседателскиот авион рече дека администрацијата на Бајден работела со републиканците „со најдобра намера“ да се постигне договор, дел од таа добра намера била минатонеделната средба на Бајден со конгресните лидери.

Претставникот на Советот за национална безбедност Џон Кирби изјави дека Москва „внимателно следи“ дали Вашингтон ќе продолжи со подршката за Киев.

-Украина влегува во неколку критични месеци, бидејќи зимата е во полн ек и доаѓа пролет, а Русите немаат намера да ги намалат нападите со беспилотници и ракети – изјави тој.

За Трамп, имиграцијата е главна точка во неговата изборна кампања да се врати во Белата куќа и тој одамна е против зголемувањето на помошта за Украина. Додека беше претседател тој го услови давањето помош за Украина во замена за Киев да сподели компромитирачки материјал за Џо Бајден и бизнис зделките на неговиот син во Украина.

Трамп за тоа беше ставен на процедура за импичмент која заврши неуспешно.