Жителите на Трнодол бараа поголема сала каде би можела да се одржи јавната расправа за ДУП-от кој не го одобруваат. Ова барање не беше прифатено ниту одбиено од страна на општинскиот претставник Горан Павлов по што тензиите се вжештија. Жителите на Трнодол велеа дека во салата еден час пред одржувањето на јавната расправа дошле луѓе кои ги нарекоа партиски војници со цел да ја саботираат јавната расправа. Откако Павлов се врати во салата каде што требаше да се одржи расправата настана тепачка најпрво меѓу две групи граѓани, а потоа сите му се нафрлија на општинскиот претствник кој требаше да го презентира ДУП-от за Трнодол.

Вработените во општината бараа новинарските екипи да не снимаат и ги туркаа надвор од општинската зграда. Внатре освен физички контакт имаше и пцовки. Општинскиот претставник Павлов рече дека го нападнале повеќе лица.

– Ми се нафрлија повеќемина. Планирана седница не се откажува по лична волја на еден или двајца, јас не можев да бидам тој што ќе одлучи дали ќе одложиме или не – изјави Павлов.

По инцидентот, во општината пристигна полиција. Жителите на Трнодол тврдат дека на седницата се присутни и лица кои се дојдени таму по партиска линија.

Тие се жалат на провокации од луѓе присутни на јавната дебата за кои велат дека дошле еден час порано. Тие тврдат дека намерно се носат луѓе за да се создава тензија. Расправата не започна воопшто по инцидентот.

– Вие имавте провокатори овде – рече еден од жителите кон вработените во општината.

Жителите на Трнодол не се согласуваат со деталниот урбанистички план што е ставен на јавна анкета, кој, според нив, ќе предизвика штета на целата населба. Според нив, спорен детаљ се и маркичките за градба, кои се директно позиционирани врз каналот што ги собира водите од планината, а планираните петкатници ќе го загрозат слободниот проток на вода во случај на големи дождови и дополнително ќе го поткопаат брдото.

Тие бараат да се повлече предолжениот ДУП и Советот на Општината да донесе мораториум за градба и издавање дозволи за градба во ризичното подрачје, како што се брдата под Трнодол и Жданец. Не сакаат да се чепка структурата на населбата, против се обиколница да поминува низ населбата, како што е претставено во планот. Тврдат дека иако градоначалникот им ветил дека се согласува со барањата и забелешките што граѓаните ги доставиле до Општината, на увид им го ставил истиот план, што кај нив предизвикува дополнителен револт. Тие велат дека чекаат нов регулациски план од Градот Скопје, кој ќе ги реши спорните барања и откако тој ќе пристигне, ќе седнат на маса и ќе се договорат заеднички со Општината за новиот ДУП. Доколку не се повлече овој ДУП, тие најавија протести, но и тужби против Општината.

Градоначалникот Богоев, пак, тврди дека се договорил со жителите и дека нема да има нова населба над Трнодол. ДУП-от што го предлага вели дека е на барање на жителите на населбата Козле и треба да се донесе, но тврди и дека не е конечен, на јавен увид и може да се поднесуваат забелешки до 27 декември.