Премиерот Зоран Заев имаше свое обраќање на пленарната сесија на 74-то Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.

На почетокот тој се обрати на македонски јазик, и како што рече, за прв пат откако нашата земја е членка на организацијата, говори како шеф на делегацијата на Владата на Република Северна Македонија. Додаде дека тоа е резултат на Спогодбата од Преспа, со што, како што кажа, се реши 27-годишната разлика со Грција за името на земјата како прашање што имаше сериозни негативни и регионални и мултилатерални импликации и ја оддалечи земјата од нејзиниот напредок во евро-атлантските интеграции.

Владина делегација на Генералното собрание на ОН

– Денес имаме само придонеси од решената разлика. Конечно ја комплетиравме нашата лична карта во ОН. Покрај името Република Северна Македонија, за јазик стои: македонски јазик, а за државјанство: македонско/граѓанин на Република Северна Македонија. Сега имаме исклучително добри односи со Грција, и со тоа придонесовме да зајакне регионалната стабилност и да се поттикне развојот на Западен Балкан – рече премиерот Заев на говорницата во ОН.

Тој додаде дека Спогодбата од Преспа, заедно со Договорот за пријателство со Бугарија, го забрзало нашето интегрирање во НАТО и ги отстрани најголемите пречки за наша интеграција во ЕУ.

– Веруваме дека Спогодбата од Преспа е вистински пример за моќта на дипломатијата и дијалогот и дека е корисен пример за многу други отворени прашања – потенцира Заев.

Осврнувајќи се на една од централните теми на ова собрание – климатските промени, премиерот Заев кажа дека е неопходна реализацијата на заклучоците од Парискиот договор и да го препознаеме и прифатиме влијанието на климатските промени како закана за безбедноста и стабилноста во светот и разорните последици од овие промени врз човештвото.

– Национално дефинираните придонеси се клучни за да се забрзаат активностите во однос на климатските промени. Северна Македонија ги зголеми националните придонеси според Парискиот договор, а истите се инкорпорирани како цели во нашите национални закони и политики – рече Заев.

Премиерот нагласи дека спроведувањето на Агендата 2030 и Целите за одржлив развој се од централно значење за постигнување на вистинска промена и градење на одржлива иднина за сите, особено во елиминирањето на сиромаштијата, нееднаквоста, негативното влијание на климатските промени, и дека Владата на Северна Македонија целосно се залага за спроведување на Агендата 2030 што произлегува од националните стратешки документи и локалните планови.

Заев зборуваше и за миграциите и за борбата против тероризмот.

Обраќање на 74-тото Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк

Следете го во живо моето обраќање на 74-тото Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк ??#UNGA

Posted by Zoran Zaev on Четврток, 26 септември 2019