Фото: Маја Јаневска-Илиева

Заедно ќе ја трансформираме Железницата и ќе ја направиме европска и модерна. Со либерализацијата отворивме ново поглавје во железницата и создадовме нови можности, но нема потреба од загриженост за вашите работни места, порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на свеченоста што се одржа денеска по повод 151 година од основањето на Македонски железници.

Битиќи посочи дека либерализацијата ќе значи и повеќе пари за модернизација на пругите, за проширување на железничката мрежа, односно зголемување на ефикасноста и ефективноста на железничкиот сообраќај во земјава.

– На либерализацијата не треба да гледаме со страв, туку да ја прифатиме како можност да ја искористиме нашата стратешка локација – рече Битиќи.

Ја спомена близината и поврзаноста со пристаништето во Пиреја, како еден од најголемите транспортни хабови во југоисточна Европа и влезна транспортна точка за цела Европа.

Според директорот на ЈП за железничка инфраструктура Зоран Трифуновски, Железницата останува главен двигател за транспорт и развој, поради што фокусот е на инвестициите, за изградба на источниот крак на Коридор 8, каде се грдат првите две делници, а за третата како што рече, во најскоро време ќе се избере изведувач.

Поврзувањето со Бугарија го планираме со зачленување во ЕУ до 2030 година, посочи Трифуновски, истакнувајќи дека се подготвува документација за изградба на западниот железнички дел на Коридор 8 како и проектна документација за ремонт на Коридор 10.

Како клучен проект на свеченоста беше истакнат и проектот за наше приклучување кон брзата пруга регионална пруга.

Либерализацијата во Железницата формално правно стартуваше на почетокот на годинава, во товарниот сообраќај.

Свеченоста во Железничко патничката станица стартуваше со проекција на развојот на Железничката станица, по што беа изведени театарска претстава и музичка програма со настап на ученици. Учесниците имаа можност да го посетат Железничкиот музеј.