Фото: Пиксабеј

Биткоин претрпе брутален пад на почетокот на неделава, накратко тонејќи под вредноста од 30 илјади долари за првпат од минатата година. Најголемата светска криптовалута сега вреди помалку од половина од тоа што беше минатата есен. Останатите криптовалути како Етер и БНБ забележаа слични падови, додека обемот на тргување исто така страда, пишува магазинот „Тајм“.

Одредени експерти предупредуваат за појавата на таканаречена „криптозима“, во која огромниот раст во секторот ќе биде заменет со продолжен период на стеснување.

Сегашниот пад на биткоинот и на другите криптовалути е предизвикан од комбинација на состојбата поголемите финансиски пазари и падот на значителен „стејблкоин“.

Поддржувачите на криптовалутите се надеваа дека независната природа на дигиталните валути ќе ги направи отпорни на инфлациите и кризите, бидејќи биткоинот не е под контрола на ниедна институција. Но изминатите неколку години покажаа оти тоа не е точно. Кога пандемијата ги урна глобалните пазари во март 2020 година, и биткоин забележа пад за 57 отсто.

Инвеститорите во последно време се загрижени дека на повидок е промена, откако инфлацијата во САД доведе до зголемување на каматните стапки. На тој начин, биткоинот со непредвидливите промени би можел да стане ризичен за инвеститорите што бараат сигурни зделки.

Падот на биткоионот уследи по нестабилноста на пазарот поради војната во Украина, што ја зголеми инфлацијата, а предизвика проблеми и со синџирите на снабдување и со цените на нафтата. Постојат предвидувања дека вредноста на биткоинот во иднина би можела да стане независна од берзата, но тие засега се испреплетени, заклучува „Тајм“.

Останува да се види дали ќе продолжи падот на криптовалутите. Постојат одредени верувања дека ситуацијата ќе се влоши со паниката на инвеститорите. Но, други пак, сметаат дека биткоинот ќе продолжи да расте како што беше случај во изминатата деценија, наспроти турбуленциите.