Фото: ТАВ Македонија

ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, попладнево го пречека првиот лет на Туркиш ерлајнс од Истанбул на аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, со што го означи отворањето на оваа нова авиолинија која ќе ги поврзува двата града четири пати неделно.

Првиот авион на турската национална авиокомпанија од Истанбул во Охрид слета во 14:40 часот.

ТАВ Македонија ги пречека патниците со симболични подароци, со ајвар и охридско макало, како и разгледници од знаменитостите на Охрид.
Главниот извршен директор на ТАВ Аеродроми, Серкан Каптан, генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, вицепремирот и министер за транспорт Александар Николоски, како и амбасадорот на Турција, Фатих Улусој, го поздравија главниот извршен директор на Туркиш ерлајнс, Билал Екши со кого заедно ја пресекоа лентата означувајќи го почетокот на оваа авиолинија.

Фото: ТАВ Македонија

На свеченоста по повод инаугуративниот лет присуствуваа бројни гости, меѓу кои и премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски, главниот извршен директор на „ТАВ Аеродроми“ Серкан Каптан, главниот извршен директор на „Туркиш ерлајнс“ Билал Екши, турскиот амбасадор Фатих Улусој, градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, претставници на тур-оператори и хоелските капацитети на охридско-струшката ривиера.

Пред присутните се обрати претседателот на Владата Мицкоски, кој рече дека развојот на нови авиолинии не е само техничко прашање, туку стратешка инвестиција во иднината на националната економија, туризмот и меѓународната соработка.

Според него, државата со својата стратешка локација на Балканот има потенцијал да стане значаен центар за воздушен сообраќај. Оттаму интенцијата на Владата е активно да работи на како што рече, воведување нови авиолинии, поттикнување на нискобуџетни превозници, модернизација на аеродромите, како промоција на земјата како авиотранспортен центар.

– Воведувањето нови авиолинии значи побрзо и полесно поврзување со светот, зголемување на туризмот, нови економски можности и унапредување на имиџот на нашата држава. Нашата земја има огромен туристички потенцијал. Од живописните планини, прекрасните езера и богатото културно наследство, до топлината и гостопримството на нашите граѓани – сето ова ја прави Македонија атрактивна дестинација за домашни и странски посетители. Затоа, нашата Влада активно работи на креирање политики и мерки што ќе го поттикнат туристичкиот сектор – рече Мицкоски.

Притоа, како што рече, се инвестира во патишта, аеродроми и железнички врски, се работи и на промоција на државата како како туристичка дестинација со поддршка за малите и средни туристички бизниси.

– Нашата цел е јасна – да ја направиме Македонија не само дестинација за посета, туку и место во кое туристите ќе се враќаат повторно и повторно. Денешниот чекор е само почеток. Веруваме дека со заеднички напори ќе создадеме посилна, подостапна и глобално поврзана Македонија – рече Мицкоски.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, истакна дека денеска воспоставената авионска линија до Истанбул е дел од визијата за развој на државата, за која рече дека ги дава веќе првите резултати.

-Како ТАВ Аеродроми, аеродромскиот оператор на аеродромите во Скопје и Охрид, пресреќни сме што го пречекавме првиот лет на Туркиш Ерлајнс меѓу Истанбул и Охрид, означувајќи ново поглавје во зајакнувањето на поврзаноста меѓу нашите земји. Охрид, светско наследство на УНЕСКО, е една од најдобрите туристички дестинации на Балканот, а оваа нова авиолинија ќе ја направи уште попристапна. Со оглед на тоа што славиме 15-годишнината на ТАВ Аеродроми и инвестициите во Македонија, горди сме на соработката со Туркиш ерлајнс и владата за промовирање на богатото културно наследство на земјата во светот – изјави Серкан Каптан, главен извршен директор на ТАВ Аеродроми.

Туркиш ерлајнс ќе лета на оваа рута секој понеделник, четврток, петок и недела, со авион од типот Ербас А320, со капацитет од 182 седишта, обезбедувајќи им на патниците удобни опции за патување и услуга од светска класа.

-Го поддржуваме унапредувањето и развојот на Македонија во соработка со владата и воздухопловните власти. Би сакал уште еднаш да им се заблагодарам на премиерот и на министерот за транспорт за нивниот придонес во развојот на воздухопловниот сектор – додаде Серкан Каптан, главен извршен директор на ТАВ Аеродроми.

Фото: ТАВ Македонија

Оваа нова авиолинија Истанбул – Охрид – Истанбул, ќе ја зајакне и подобри врската меѓу Истанбул, еден од најважните воздухопловни центри во светот, и Охрид, град на наследство на УНЕСКО, познат по својата богата историја, културно значење и неверојатна природна убавина.