Фото: Маја Јаневска-Илиева

Стопанската комора на Македонија излезе со барања до Владата да покаже максимална или, како што велат, брутална искреност и транспарентност при носењето на мерките, како и да овозможи поевтина енергија за компаниите за спас на економијата и државата. Стопанската комора на Македонија во неколку точки јасно и прецизно ги скицира своите барања пред клучната владина седница, на која ќе се одлучува за пакетот мерки поврзани со енергетската криза. Во продолжение се наведени барањата и очекувањата на бизнис-заедницата

ШТО ОЧЕКУВА СТОПАНСКАТА КОМОРА ОД ДРЖАВАТА ПРЕД СЕДНИЦАТА ЗА ПАКЕТОТ МЕРКИ ПОВРЗАНИ СО ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА

Стопанската комора на Македонија во неколку точки јасно и прецизно ги скицира своите барања пред клучната владина седница, на која ќе се одлучува за пакетот мерки поврзани со енергетската криза. Во продолжение се наведени барањата и очекувањата на бизнис-заедницата.

  • Да се зголеми домашното производство и да се искористат сите можни ресурси.
  • Набавката на јаглен и мазут за ТЕЦ „Неготино“ да има апсолутен приоритет веднаш. За да може да се обезбедат нови количества мазут, потребно е да се пушти продажбата на слободен пазар, односно да се тргне од листата на регулирана цена, за да не се случи недостиг на пазарот.
  • ТЕ-ТО да биде во функција цела година, бидејќи многу е важно да се има домашно производство, не само во услови за да има стабилност туку и за услови доколку се случи затворање на границите и на прекуграничниот проток на електрична енергија (cross border). Во спротивно ќе се случат рестрикции што негативно ќе се одрази на континуираното производство на домашната економија.- Од 40 до 45 мегавати фотоволтаици што се инсталирани и/или се инсталираат сѐ уште чекаат на приклучок на мрежа. Се бара ЕВН и сите субјекти што се одговорни да ги приклучат во најбрз можен рок, бидејќи нема економска оправданост да има инсталирани фотоволтаици, а истите тие да не се ставени во функција само затоа што не се приклучени на мрежата.
  • Владата да ја врати Уредбата што беше во функција во услови на прогласена кризна состојба со која целокупната произведена енергија од обновливи избори беше насочена само за индустријата. Тоа беше и единствена мерка за поддршка на индустријата во делот на набавка на енергенти со поповолни услови. Со укинување на таа Уредба, енергијата произведена од обновливи извори наменета за индустријата се намали за цели осум процентни поени и сега изнесува од 6 отсто до 7 отсто, што значи со губењето на енергија од обновливите извори за потребите на индустрија производните трошоци на компаниите ќе растат.- Измени во Законот за градба, со цел легализирање на индустриските капацитети/објекти само со Г-намена (за незагадувачка индустрија), кои се изградени во согласност со веќе донесените урбанистички планови и имаат основни проекти, но немаат дозвола за градба од повеќе објективни причини.
  • Регулаторната комисија за енергетика да припреми правилник за организирање дистрибутивни мрежи.
  • Со зголемување на инсталираната моќност од фотоволтаиците ќе настане потреба од градење 110-киловолтни трафостаници, а на нив ќе има можност да се приклучат и други производители.
  • Да се спречат злоупотребите на стопанските субјекти, кои се префрлаат на универзален снабдувач, а притоа ги исполнуваат условите да бидат на слободен пазар. Тоа е работа на Регулаторната комисија за енергетика, која при вака констатирани злоупотреби треба да му даде налог на ЕВН истите тие да се прекинат, бидејќи со таквата злоупотреба се прават две штети. Прво, се ставаат економските субјекти во нерамноправна положба и второ, непотребно се оптоварува ЕСМ. Бидејќи овие заклучоци се донесени и изградени во текот на месец јули, а сегашната ситуација е подраматична (тоа го покажуваат сметките за струја, кои ги добиваат компаниите овие денови, и растот на цената на струјата на берзата), Комората смета дека фокусирањето на ова прашање мора да има апсолутен приоритет бидејќи сѐ погласни се предупредувањата од компаниите дека без државна поддршка тие немаат друга алтернатива, освен да ги редуцираат производството, бројот на вработените и економската активност, да не зборуваме дека инвестициските активности ќе станат мисловна именка.

И досега за одредени прашања сме имале различни ставови, некогаш сме наоѓале заеднички јазик, некогаш не, но ова прашање добива такви димензии, што ако не изградиме заеднички став може да доведе до состојба од која враќањето на нормалното функционирање на компаниите ќе биде невозможно, сметаат од бизнис-заедницата.