Фото: Пиксабеј

Вредноста на најпопуларната светска криптовалута биткоин падна под 20 илјади долари првпат по ноември 2020 година, отворајќи ризик за нов бран на продажба на криптовалутите и продлабочување на кризата на дигиталниот пазар, објавува „Фајненшл тајмс“.

Биткоинот што го диктира текот на криптопазарот, утрово всушност падна на околу 18.900 долари, што претставува намалување од околу девет отсто. На тој начин се поништени придобивките создавани во текот на изминатите неколку години за долгорочните поседувачи на биткоин.

Инвеститорите во неизвесност ја следат цената на биткоинот во изминатите неколку дена, стравувајќи дека падот под прагот од 20 илјади долари би можел да поттикне изнудени ликвидации на пазарите, што би ја ставило вредноста на биткоинот под уште поголем притисок и би ја влошило кризата.

Минатата недела „Целзиус“ и „Бабел фајнешл“ ги блокираа повлекувањата на средства, а криптовалутите луна и тера претрпеа колапс.

– Домината сега паѓаат. Со повеќе домина веројатно доаѓа дополнително спуштање на цената, што веројатно ќе продолжи и со ликвидациите – вели аналитичарот Конор Рајдер од компанијата „Каико“ која го следи криптопазарот.

Биткоин загуби повеќе од 70 отсто од неговата рекордна вредност која изнесуваше околу 69 илјади долари минатата есен, додека инвеститорите се ослободуваат од понесигурните поседи во ситуација кога е воведена построга монетарна политика низ светот од страна на централните банки. Вкупната вредност на криптопазарот падна под трилион долари, во однос на рекордните 3,2 трилиони.