Некои стручњаци тврдат дека нуклеарната енергија не би требало да се смета како опција, но други го тврдат спротивното, дека поради кризата, таа треба да стане дел од светскиот енергетски пазар

Енергетската криза ги наруши плановите за еколошки извори на енергија

Со порастот на трошоците за увоз на енергија во светот и климатската криза, која предизвикува пустош, интересот за нуклеарната енергија повторно е во пораст, бидејќи сите држави се обидуваат да најдат алтернативни извори.
Инвестициите во нуклеарна енергија се намалени по катастрофата во Фукушима, Јапонија, во 2011 година, најголемата светска нуклеарна несреќа од Чернобил, која беше 25 години претходно, бидејќи стравувањата поради нејзината безбедност се зголемија.
Сепак, по руската инвазија врз Украина во февруари оваа година, константниот притисок врз снабдувањето со енергија и обидите на Европа да ја прекине зависноста од руска нафта и гас, тасот на вагата сега повторно натежнува во полза на нуклеарната енергија.
Владите се соочуваат со тешки одлуки под притисок на растечките сметки за гас и струја и сиромашните ресурси што се закануваат да предизвикаат тешки последици оваа зима.
Некои стручњаци тврдат дека нуклеарната енергија не би требало да се смета како опција, но други го тврдат спротивното, дека поради кризата, таа треба да стане дел од светскиот енергетски пазар.

Нуклеарна енергија во моментот користат 32 земји

Една од земјите што се преиспитуваат за користењето нуклеарна енергија е Јапонија, каде што несреќата во 2011 година доведе до прекинување на работата на многу нуклеарни реактори од безбедносни причини.
Оваа недела јапонскиот премиер Фумио Кишида повика на оживување на нуклеарната индустрија во земјата и изградба на нови атомски постројки.
Други земји што сакаа да се оттргнат од нуклеарната енергија ги замрзнаа овие планови на пократок рок.
На помалку од еден месец од почетокот на рускиот напад врз Украина, Белгија го пролонгира својот план за укинување на нуклеарната енергија за дополнителни десет години од првично планираниот рок во 2025 година.
Додека нуклеарната енергија, која во моментот се користи во 32 земји, обезбедува 10 отсто од светското производство на електрична енергија, Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) ги зголеми своите проекции за септември, првпат по катастрофата во 2011 година.
МААЕ сега очекува дека инсталираниот капацитет ќе се удвои до 2050 година според најповолното сценарио.

И Германија се свртува кон нуклеарната енергија

Дури ниту во Германија, најголемата европска економија, потпирањето врз нуклеарната енергија повеќе не е табу-тема, бидејќи енергетската криза повторно ја отвора расправата за затворањето на последните три нуклеарни централи до крајот на 2022 година.
Берлин минатиот месец рече дека ќе го почека исходот од „стрес-тестот“ на националната електроенергетска мрежа пред да одлучи дали ќе остане на позицијата за постепено укинување на нуклеарките.
Според Николас Бергманс, стручњак за енергија и клима во аналитичкиот центар ИДДРИ, пошироката употреба на нуклеарната енергија „може да помогне“.
– Европа е во значително поинаква енергетска ситуација, со неколку кризи што се преклопуваат: проблемот со снабдување со руски гас, сушата што го намали капацитетот на хидроцентралите, слабото производство од француските нуклеарни централи… така што сите лостови се важни – вели Бергманс.

Македонија засега без алтернатива на јагленот

Пронуклеарното лоби вели дека тоа е една од најдобрите светски опции за избегнување на климатските промени, бидејќи директно не емитира јаглерод диоксид.
Како што расте потребата за електрична енергија, неколку земји изразија желба за развој на нуклеарна инфраструктура, вклучувајќи ја и Кина, која веќе има најголем број реактори, како и Чешка, Индија и Полска, со оглед дека нуклеарната енергија е алтернатива на јагленот.
Слични амбиции имаат и Велика Британија, Франција и Холандија, па дури и САД, каде што инвестицискиот план на претседателот Џо Бајден го поттикнува развојот на овој сектор.
И Македонија, како целиот свет, се соочува со глобалните енергетски предизвици, а главниот енергетски капацитет за производство на струја е токму на јаглен. Проблем е што во земјава веќе нема резерви на јаглен, а увозот од соседството станува сè поскап.
Своевремено имаше идеја за изработка на проект за изградба на нуклеарна централа во Мариово, но тие планови пропаднаа поради скапата инвестиција и неможноста од доволно водни капацитети потребни за ладење на реакторите.
Нешто пореалната варијанта за учество во бугарската нуклеарна централа „Белене“ повторно не се оствари, бидејќи Бугарија го прекина овој проект под притисок на САД.
Домашните експерти сметаат дека е нереално да се очекува Македонија да изгради нуклеарна централа, но предлагаат да се искористат искуствата од некои други држави, кои користат еден вид нуклеарни мини-централи за производство на струја. Во нив се поставени мали реактори, идентични на оние што се монтираат во нуклеарните подморници и бродови, а со кои може да се произведува електрична енергија што може да задоволи одредени потреби.
Како и да е, она што во моментот е најреална опција за Македонија, тоа е масовната употреба на фотоволтаици, со оглед дека земјата изобилува со сончеви денови и на тој начин може да се обезбеди струја и за домаќинствата и за компаниите.

Е.Р.