Во буџетот за 2024 година не е предвидено зголемување на платите на функционерите, истакна денеска министерот за финансии Фатмир Бесими, а во изборниот процес ќе нема ниту нови вработувања во јавниот сектор.
Одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција на која беше промовиран буџетот за идната година, тој нагласи дека не е предвидено раст на платите на функционерите во март наредната година според проекциите на овој буџет.
Во однос на проектираните средства за јавната администрација, тој посочи дека наредната е изборна година и согласно Законот за спречување корупција, за време на кампања, односно откако се објавуваат избори неможе да почне ниту една нова постапка за вработување, а се прекинуваат и веќе почнатите.
– Ќе има еден период кога нема да има вработувања во текот на наредната година. Ние оваа година во однос на 2022 имаме намалено 1.500 вработени во јавниот сектор и тоа 1.000 на централно и 500 во регионални институции во државата. Тоа се одразува и беше план лани во буџетот го кажавме при фискалната консолидација дека ќе се пополнат испразнетите места. Имаме над 80 отсто од тоа дека ќе се пополнат. Таму каде што имаше потреба се пополнува целосно и тоа резултат на таа политика што минатата година беше презентирана и во текот на потребите што ги имаше во одредени институции се користеа трансфери од една во друга институција – појасни Бесими.