Предлог-буџетот за следната година би требало да се најде на владина седница на 16 октомври. Во него ќе се внимава да не се зголеми буџетскиот дефицит, а економска активност меѓу другото се очекува со унгарскиот заем и со почетокот на работата на „Фени“, најави синоќа премиерот Христијан Мицкоски.
Тој не очекува ниту пореметувања во стабилноста на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување со линеарното зголемување на пензиите. Вели парите се обезбедени. Какво ќе биде понатамошното нивелирање на пензиите од септември следната година, како и во 2026 и 2027 година, според Мицкоски, ќе зависи од тоа какви ќе бидат приходите и како ќе функционира македонската економија.
– Затоа многу внимателно кажуваме и многу внимателно ветуваме. Не сакаме да кажеме нешто коешто понатаму нема да го исполниме. Тоа што бевме уверени дека ќе го исполниме, тоа и го направивме. Би сакал оваа традиција на линеарно зголемување да продолжи понатаму, но тоа ќе зависи од приходите што ќе доаѓаат во буџетот во што длабоко во себе сум убеден дека ќе бидат уште попозитивни од овие првични претпоставки што ќе бидат содржани во буџетот во делот на приходната ставка – истакна Мицкоски во интервју во Отворено студио „100 дена Влада“ на МРТ.
Во однос на можноста за нов ценовен шок за струјата, премиерот рече дека е оптимист и дека не очекува зголемување на цената на струјата без разлика на ситуацијата со Украина каде електроенергетскиот систем е уништен и дека таа ќе повлече од струјата на европскиот пазар.
– Имаме план и јасно дефинирани чекори. Оптимист сум, не очекувам ценовен шок – рече Мицкоски.