Владата има многу јасен план за справување со енергетската криза, која ќе се решава со домашно производство, но и со средства и соработка со други земји од соседството и од Блискиот Исток, истакна премиерот Димитар Ковачевски.
Тој порача дека ќе бидат ставени во функција сите домашни енергетски капацитети – оспособување на Блок 3 во РЕК-Битола, ставање во функција на ТЕЦ-Осломеј, а од вчера во функција е ставен првиот котел на ТЕЦ-Неготино.
Првиот котел на ТЕЦ-Неготино веќе произведува електрична енергија со моќност од 60 мегавати, а до крајот на денот треба да се искачи до 85 мегавати, додека тимови експерти, веќе работат на пуштање и на вториот котел – нагласи Ковачевски.
Тој вели дека постојано се работи и се разговара со сите земји за најсоодветно снабдување со енергија, меѓу кои Србија, Бугарија и Турција.
– Со Србија имаме разговори што веќе ги водиме. Со Бугарија имаме разговори, но таму е малку посложена ситуацијата, бидејќи во моментов нема парламент, а нивното законодавство е многу ограничено во однос на продавање вишоци електрична енергија со директни договори и тоа мора да го прават преку берза. Со Турција, исто така, сметам дека сме на добар пат да обезбедиме пат за енергија – изјави Ковачевски.
За финансирањето на сето ова е обезбедена финансиска конструкција со билатерални кредитори, а во скоро време очекува да завршат и преговорите со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), но премиерот вели дека се разговара и со некои финансиски побогати држави од Блискиот Исток.
– Во оваа работа нема политика и дневнополитички поени и апелирам до пратениците од опозицијата што побрзо и без никакви уцени да се одобри кредитот од ЕБОР за ликвидни финансиски средства за ЕСМ – рече Ковачевски.
Во однос на Скопје, премиерот рече дека има два дела – затоплување на градот од нов оператор, за што ЕСМ веќе има добиено лиценци, и второ, обезбедување гас за работа на ТЕ-ТО.
– Тоа се разговара на повеќе нивоа и со повеќе држави, со оглед на енормно високите цени на природниот гас, поради војната во Украина. Штом ќе бидат договорени и најдени најсоодветните извори за снабдување гас, ќе бидат информирани и граѓаните – изјави Ковачевски,
Премиерот уверува дека постојано се работи на прашањата од енергетската сфера, а рече дека и вицепремиерот за економски прашања, кој е во Брисел, каде што има процес на преговори и скрининг, состаноците ги користи и за адресирање прашања во однос на енергетиката.