Фото: Игор Бансколиев

Нов предлог за поголема енергетска независност

Засега, од општините и од претставниците од енергетскиот сектор со кои контактиравме се воздржани во давањето оцени за тоа колку овој предлог ќе придонесе во иднина за поголема енергетска независност, бидејќи не ги направиле калкулациите за да дадат релевантна оцена и мислење. Така што „ставот за идејата за формирање јавни претпријатија за производство на електрична енергија засега само е поздравен“. Меѓутоа, во врска со ублажувањето на дефицитот на струја, факт е дека некои од општините почнаа со конкретни сопствени програми за намалување на сметките за струја

Засега, од општините и од претставниците од енергетскиот сектор со кои контактиравме се воздржани во давањето оцени за тоа колку овој предлог ќе придонесе во иднина за поголема енергетска независност, бидејќи не ги направиле калкулациите за да дадат релевантна оцена и мислење. Така што „ставот за идејата за формирање јавни претпријатија за производство на електрична енергија засега само е поздравен“. Меѓутоа, во врска со ублажувањето на дефицитот на струја, факт е дека некои од општините почнаа со конкретни сопствени програми за намалување на сметките за струја

Формирање јавни претпријатија за производство на електрична енергија е најновиот предлог за надминување на проблемот за подобрување на снабдувањето со енергија. Свежата иницијатива доаѓа од Левица, која има свои советници или советнички групи во општините во Македонија, кои поднесоа „иницијативи за донесување одлука за изработка на физибилити студија“, со цел основање ЈП за производство и продажба на електрична енергија.

Кои се бенефициите, според предлагачите, за формирање јавни претпријатија (ЈП) за производство и продажба на електрична енергија

Со формирање на ова јавно претпријатие (ЈП) за производство и продажба на електрична енергија се отвора можност општината да приходува од овие дејности, со што за краток период ќе го амортизира финансискиот удар од високата цена на струјата, а на долг план, со добро менаџирање на ЈП, ќе остварува и финансиска добивка, која би ја инвестирала во подобрување на условите за живот на жителите, сметаат во Левица.

Во првата фаза, првична цел на овие ЈП е да изградат фотоволтаични централи на сите поволни локации (покриви на училишта, градинки, општински згради, спортски сали итн.) со кои стопанисува општината, чиј основач е. Во втората фаза – да се инвестира во производствени капацитети за електрична енергија на поволни локации во рамките на територијата на општините, со што ќе се зголеми потенцијалот за развој на општинско ниво и ќе станат енергетски независни општини. Во третата и последна фаза, ова ЈП самостојно би вршело снабдување со електрична енергија на општината и нејзините институции, јавните претпријатија основани од општината и други потрошувачи.

Со почетокот на учебната година и пред почетокот на грејната сезона се актуализира и прашањето за високите трошоци за снабдување со топлинска и електрична енергија за основните и за средните училишта во Македонија. Поради ограничените финансиски можности, општините од Полошкиот Регион веќе побараа да се продолжи зимскиот распуст за учениците на два месеца или да се помине на онлајн настава, со што трошоците за затоплување би се префрлиле на осиромашените граѓани, кои се соочени со високата инфлација и порастот на цените за храна. Засега, од општините и од претставници од енергетскиот сектор со кои контактиравме се воздржани во давањето оцени за тоа колку овој предлог ќе придонесе во иднина за поголема енергетска независност.

Производство во пакет со штедење на електричната енергија е добра формула за амортизирање на енергетската криза

Во делот од менаџирањето со трошењето на струјата, односно во делот од штедењето на струјата, факт е дека некои од општините почнаа и со сопствени програми за намалување на сметките за струја во локалните институции и во делот на уличното осветлување.

На пример, Општина Валандово уште пред енергетската криза изработи и почна со реализација на десетгодишна програма на енергетска ефикасност со која се опфатени повеќе мерки за намалување на потрошувачката на енергија за улично осветлување и снабдување со електрична и топлинска енергија во институциите што под општинска надлежност, односно во градинките и во училиштата.
– Прво што направивме е тоа што ги детектиравме најголемите потрошувачи. На прво место беше уличното осветлување. За брзо време, во рамките на јавното приватно партнерство, поставиме целосно осветлување со сончеви панели и ги заменивме сите светилки со енергетски лед-светилки. Заштедата на електричната енергија само за оваа намена е намалена за 70 отсто, во однос на претходниот период. Другите позначајни инвестиции беа направени целосно во училиштата и градинките во кои се поставени фотоволтаици за производство на топлинска и електрична енергија, како и со промена на прозорците и со поставување надворешна изолација на објектите, кои се под општинска надлежност. Ова придонесе за значителни заштеди на финансиски средства и доколку не го направевме тоа, сега сигурно ќе имавме за пет-шест пати повисоки сметки за електрична и за топлинска енергија. Ние како општина сме целосно подготвени да ја поминеме претстојната грејна сезона и не се соочуваме како другите општини од земјата – ни изјави Глигорие Џилвиџиев, соработник во Одделението за локален економски развој во Општина Валандово.

Сите овие проекти за подобрување на енергетската ефикасност во Валандово се постигнати со постојните ресурси, без да има формирано посебно енергетско претпријатие во општината, нагласува тој.
– Предлогот за формирање посебни енергетски јавни претпријатија можеби е добар за поголемите општини. Но сметам дека секое дополнително бирократизирање го одолжува процесот на енергетска ефикасност. Засега сите поставени фотоволтаични инсталации се во функционална фаза и секој од објектите е задолжен за нивно одржување. Наредната фаза од програмата за енергетска ефикасност ќе биде насочена кон резиденцијалниот дел, односно на заштедата на енергијата во индивидуалните домови на граѓаните – вели Џилвиџиев.

Професорот Антон Чаушевски, од Факултетот за електротехника и информациски технологии, вели дека за подобрување на енергетската сигурност на локалните самоуправи се потребни долгорочни извори на електрична енергија.
– Не сум запознаен со сите процедури и правни решенија околу формирањето такви општински енергетски јавни претпријатија. Прашањето е колку општините се финансиски подготвени да ги следат овие процеси. Колку се тие во можност општините да учествуваат во финансирање енергетски објекти? Проблемот е како да се преброди оваа зима, кога и фотоволтаиците имаат мала ефикасност. Генерално за надминување на енергетската криза се потребни долгорочни решенија – вели Чаушевски.


Општина Центар веќе разгледува можности за сопствено претпријатие за производство на струја

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, изјави дека општината веќе разгледува можности за формирање сопствено претпријатие за производство на електрична енергија.
– Општина Центар формираше комисија, со цел да направи физибилити-студија што треба да ги утврди можностите на сите оние јавни објекти како училишта и градинки вклучувајќи го и ЈП ПОЦ да ги видиме можностите за поставување фотоволтаици на сите објекти. Имаме иницијатива за основање јавно претпријатие, кои би било за производство на електрична енергија. Да видиме како истото тоа би можеле да го оформиме. Добивме доста искуства од сите состаноци што ги имаме со работната група на ЗЕЛС и со владините институции и верувам дека таму ќе најдеме делумно решение за намалување на цените на електричната енергија.
Разгледуваме предлози дали тоа да биде преку јавно-приватно партнерство, дали да се исплаќа на 10 години или на три години. Ќе ги разгледаме сите можности и за брзо време ќе донесеме одлуки на кој начин ќе ги поставиме сите фотоволтаици – изјави Герасимовски.

М.Ј.